Фондот за иновации и технолоши развој (ФИТР) денеска во Инокс – иновативен центар Скопје ќе ги додели наградите во рамки на Натпреварот за успешни иницијативи од Западен Балкан.
ФИТР соопшти дека ќе бидат доделени награди на шест иницијативи кои ги поттикнуваат младите да истражуваат и создаваат иновации, како и една главна награда за регионално признание за влијателни иницијативи фокусирани на младите.
– Ќе бидат присутни сите 12 иницијативи, кои доаѓаат од економиите на Западен Балкан (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора или Србија). Наградите ФИТР ги организира во рамките на европскиот проект POLICY ANSWERS, во кој Фондот ја доби главната улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан. Проектот е финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската комисија, соопшти ФИТР.
Посочува и дека овие награди „ги вреднуваат, препознаваат и слават извонредните иницијативи фокусирани на младите од Западен Балкан, кои значително успеале да ги вклучат младите (15 – 29 години) во истражување и иновации помеѓу 2020 и 2024 година“.
-Целта на наградите е да се потенцираат успешните приказни за истражување и развој фокусирани на младите од Западен Балкан и да се промовираат можности за учење и професионално усовршување во истражувањето и иновациите, информира Фондот за иновации и технолошки развој.