Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, престојува во дводневна работна посета на Белград, на покана од министерот за надворешни работи и министерот за наука, технолошки развој и телекомуникации на Република Србија. Посетата е по повод учеството на Министерска конференција на Централно европската иницијатива (CEI), под наслов “Подготовка за ерата на Вештачката интелигенција”.
Министерот Андоновски, присуствуваше на Пленарната седница, а потоа имаше и работна вечера со министрите од европските држави и од државите од регионот. Исто така, денеска е предвидено министерот Андоновски да оствари и неколку билатерални средби со Министерот за наука, технолошки развој и иновации на Република Србија, г. Бела Балинт, Министерот за информирање и телекомуникации на Република Србија, г. Борис Братина и средби со Директорот на канцеларија за ИТ и е-управа, г. Михаило Јовановиќ и Бобан Михаиловиќ – помошник-директор во Канцеларија за ИТ и е-Влада на Република Србија.
На средбите е најавено дека ќе се зборува за технолошкиот развој и иновациите, дигиталната инфраструктура, олеснувањето на пристапот до јавните услуги за бизнисот и граѓаните, како и за заемната поддршка на евроинтеграцискиот пат на двете земји.