Драмски театар со претставата „Гидионовиот јазол“ в петок (16 мај) гостува на фестивалот РУТА во Сараево, Босна и Херцеговина.
Босанскохерцеговското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА, се одржува од 12 до 17 мај во организација на Камерни театар 55.
Премиерата на „Гидионовиот јазол“, како што соопшти Драмски театар, беше на 9 мај и гостувањето во Сараево ќе биде петта изведба и прво гостување на претставата во странство. По претставата со актерите и уметничкиот дел од екипата ќе се организира тркалезна маса, отворена за новинарите и театарската публика.
Претставата „Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург е Викторија Рангелова – Петровска, инспициент Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.
Улогите ги играат актерите: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски и Јоанис Далајоргос.
Режисерката Драгана Милошевски Попова во програмската белешка истакнува дека: „Претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник“.
Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Дипломира на Универзитетот „ДеПаул“ (DePaul University) во Чикаго, магистрира на Факултетот „Хунтер“ (Hunter College) во Њујорк. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Тематски обработува општествено актуелни прашања. Нејзини најпознати дела се: „Гидионовиот јазол“ (Gidions Knot) со повеќе од 40 премиерни изведби низ целиот свет, како и „Светски градители“ (World Buillders), „Без милост“ (Sans Merci), „Ангел јадач“, трилогија (The Angel Eaters Trilogy). Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.
Наредните изведби на претставата „Гидионовиот јазол“ се на редовниот репертоар на Драмски на 23 и 31 мај.