Вести напредна опрема

Инвестиции во средното општинско училиште во општина Илинден

СОСУ „Илинден“ е прво средно училиште кое поседува роботска рака од ваков вид.

Инвестиции во средното општинско училиште во општина Илинден

Во СОСУ ИЛИНДЕН продолжува инвестирањето во нова и напредна опрема од електротехничка струка за да се создаде иновативна и стимулативна средина за учење и стекнување на трајни и одржливи знаења и вештини.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, го посети средното училиште, пришто заедно со пратеничката Драгана Бојковска и директорот на училиштето Зоран Арсовски направија увид во новите инвестиции спроведени во изминатиот период во ова училиште. Како што истакна градоначалникот Георгиевски во денешното дигитално време, технологијата игра клучна улога во начинот на кој се одвива образованието. Набавката и поставувањето на комплексен индустриски роботски систем во училиштето е нешто што ќе го подобри образовниот процес по сите предмети кои се поврзани со автоматиката и роботиката, а со тоа ќе овозможи и нови можности за развој на самите ученици.

Индустрискиот роботски систем со роботската рака е напреден уред кој може да извршува различни задачи со голема прецизност. Таа ќе биде користена за демонстрации на механизмите на движење кај најкомплексните роботи и за демонстрација на интегрирање на роботи во автоматизацијата на процесите. Преку практични примери и вежби, учениците ќе имаат можност да научат како функционираат роботите, како се програмираат и како тие можат да се применат во индустријата. Ова ќе биде особено корисно за учениците кои се заинтересирани за наука, технологија, инженерство и математика (STEM).

Директорот на училиштето, Зоран Арсовски информираше дека овој роботски систем ќе им овозможи на учениците да развијат вештини во решавање проблеми, критичко размислување и тимска работа. Со практичните активности, учениците ќе имаат можност да учат на интерактивен начин и да се запознаат со основите на инженерството и програмирањето. Интеграцијата на роботската рака во наставата ќе ја зголеми мотивацијата на учениците, поттикнувајќи ги да се вклучат во STEM дисциплини и да развијат интерес за идните професии кои ќе бидат силно поврзани со технологијата. Ова е следниот логичен чекор во модернизацијата на образованието кое го нуди ова училиште, овозможувајќи им на учениците да се подготват за иднината со вештини кои ќе им бидат неопходни во индустријата, а индустријата ќе добие профилиран, добро обучен и веднаш вработлив кадар. СОСУ „Илинден“ е прво средно училиште кое поседува роботска рака од ваков вид.

Покрај роботската рака во училиштето е поставена и платформа за лица кои имаат проблем со мобилност. Платформата е иновативно решение кое со подигнување и спуштање овозможува лесен и брз пристап до различни катови и простории во училиштето кои имаат проблем со движењето. Со користењето на оваа платформа се обезбеди поголема автономија и независност на лицата со количка, но и се овозможи тие без поголеми потешкотии да имаат пристап до сите кабинети и лаборатории.

To top