Економија Министерство за економија и труд

Дурмиши: Безбедноста и здравјето на работниците е наш фокус, дигитализацијата на работниците процеси ќе овозможи отворање на нови работни места

Многу работни места кои некогаш биле традиционални, сега се менуваат и се прилагодуваат на новите технологии и начини на работа, во иднина ќе се отворат уште повеќе нови работни места кои ќе се засноваат на технологија и дигитализација, како што се работни места во областа на технологијата, автоматизација на процеси, развој на вештачка интелигенција и слично, рече министерот.

Дурмиши: Безбедноста и здравјето на работниците е наш фокус, дигитализацијата на работниците процеси ќе овозможи отворање на нови работни места

Безбедноста и здравјето на работниците е наш фокус, дигитализацијата на работниците процеси ќе овозможи отворање на нови работни места, истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска во обраќањето на настанот по повод одбележување на „Светскиот ден на безбедност и здравје при работа“.

Тој посочи дека во услови на длабоки промени во светот на работата, глобализацијата, технолошките промени, новите бизнис-модели и слично, еден од најзначајните предизвици на Министерството за економија и труд е да дефинира кои лица, односно работници треба да бидат предмет на заштита и да уживаат соодветна заштита во работата.

Според Дурмиши, брзиот развој на технологијата и дигитализацијата на деловниот свет во последната деценија овозможи отворање на нови видови работни места, кои пред десет години не можевме ни да ги замислиме.

– Многу работни места кои некогаш биле традиционални, сега се менуваат и се прилагодуваат на новите технологии и начини на работа, во иднина ќе се отворат уште повеќе нови работни места кои ќе се засноваат на технологија и дигитализација, како што се работни места во областа на технологијата, автоматизација на процеси, развој на вештачка интелигенција и слично, рече министерот.

Сепак, како што посочи, заедно со отворањето нови работни места, ќе има и промени на постојните работни места, што ќе бара работниците да развијат нови вештини и да се прилагодат на новите технологии и начини на работа. Тоа е затоа што новите технологии често го менуваат начинот на кој се работи и бараат различен сет на вештини.

-Во таа насока а со цел полесно вклучување и прилагодување на работниците на потребите на пазарот на труд, односно стекнување на компјутерски вештини и дигитална писменост, заради зголемување на вработливоста и конкурентноста на пазарот на трудот со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година предвидуваме повеќе мерки кои се однесуваат на обуки и развој на дигитални вештини, како што се обуки за напредни ИТ вештини, специјалист за вештачка интелегенција, специјалист за мрежи, обуки за дигитален маркетинг и современите технологии засновани на вештачка интелегенција, рече Дурмиши.

Тој истакна дека сите овие обуки ќе овозможат преквалификација, доквалификација на сите кои сакаат да се стекнат но и да ги унапредат своите вештини заради зголемување на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот и вклучување во новите трендови како што се дигитализација на работни места, бидејќи само на овој начин преку вложување во развој на дигитални вештини ќе отвориме нови работни места.

-Министерството за економија и труд е посветено и на развивање на регулативи кои ќе одговараат на новите предизвици што ги носи дигитализацијата. Работиме на создавање на законска рамка која ќе ги земе предвид и физичките и психо-социјалните аспекти на работата во современиот свет. Клучно е да работиме на усогласување на новите технологии со политиките за безбедност и здравје, но и на подигнувањето на свеста за предизвиците по безбедноста и здравјето при работа поврзани со дигиталната трансформација на работата и употребата на дигиталните технологии во секојдневната работа, посочи Дурмиши.

Според него, работата на далечина ( работа од дома), мобилната работа ја менува флексибилноста на работата со можноста за подобрување на рамнотежата меѓу работата и животот, сето ова значи дека системите на управување со безбедност и здравје при работа мора да се сменат и адаптираат со примена на нови работни методи. Но, како што истакна, треба да се има предвид дека усовршувањето на дигитализирани работни места мора да води до вистински баланс, работа-живот за намалување на психосоцијални ризици.

Министерството во наредниот период, како што посочи Дурмиши, ќе работи на подигнување на свеста, поттикнување на дебати и дискусии за важноста на безбедноста и здравјето при работа во оваа дигитална ера во која живееме и работиме со посебен акцент на неопходноста да се има „пристап фокусиран на човекот“ при дизајнирањето, спроведувањето, управувањето и користењето на дигиталните технологии.

-Мора да прифатиме дека светот се менува. Деловниот свет постојано се менува и се развива, создавајќи нови можности, но и предизвици. Затоа, мора да ни биде јасно дека е клучно да бидеме проактивни во прилагодувањето на новите трендови и технологии за да останеме конкурентни на пазарот на трудот и да обезбедиме успешна кариера во иднина, за да можеме да ги задржиме младите во нашата земја но и да ги привлечеме оние кои се надвор од државата да се вратат и тука да ја креираат својата иднина, истакна министерот Дурмиши.

To top