„Мусала софт“ ќе инвестира повеќе од 20 милиони евра и ќе вработи над 300 лица

Бугарската Ај ти компанија „Мусала софт“ ќе инвестира повеќе од 23 милиони евра во Македонија а ќе вработи повеќе од 300 лица висококвалификуван кадар.Денеска во просториите на Владата, вицепремиерот Владимир Пешевски и претседателот на компанијата Елена Маринова и официјално ја објавија одлуката за инвестирање и почеток на работа на „Мусала софт“.Пешевски истакна дека Владата и понатаму ќе ги насочи своите напори за привлекување на нови странски инвестиции, но и кон подобрување на бизнис климата во Македонија и за македонските компании.Маринова, истакна дека тие веќе започнале со екипирање на својата канцеларија во Скопје, досега се вработени 10-ина лица, а до 2020 година, бројката на вработени ќе надмине 320.Сите вработени ќе поминат низ внатрешната корпоративна обука на компанијата. „Мусала Софт“ е водечка компанија во Република Бугарија во областа на софтверско инжинерство, која очекува годишен раст од 20-30%, а вкупниот број на вработени до 2020 година да надмине 1000 лица.

Остварено ветувањето, почна изградбата на нов затворен базен во Охрид

Остварено е уште едно ветување дадно кон граѓаните. Денеска почна изградбата на нов затворен базен во спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ во Охрид. Почетокот го означи премиерот Никола Груевски. Инвестицијата е вредна околу пет милиони евра, а истата треба да заврши за 30 месеци. Објектот ќе се гради по стандарди и технологија за градење базенски корита која досега не е применета на ниту еден ваков објект во Македонија, а ќе биде и енергетски ефикасен со инсталирана соларна опрема и геотермални пумпи кои ќе го направат поевтино неговото користење во зима.

Конкурсот за обука на пилоти е отворен, започна информирањето на заинтересираните кандидати

Сите млади лица кои пројавиле интерс за Јавниот повик за обука на пилоти што беше распишан од Министерството за одбрана денеска присуствуваа на информативен и мотивациски состанок во Центарот за вработување на град Скопје. Преку презентација на заинтересираните кандидати им беше овозможено да се запознаат со условите за аплицирање, текот на обуката, вработувањето и сите дополнителни информации од претставници на Министерството за одбрана и Центарот за обука на пилоти. Од страна на Агенцијата за вработување на Р. Македонија сите невработени лица кое имаат високо образование до 28 години возраст биле информирани за можноста за вработување во Министерството за одбрана , а во надлежните Центри за вработување низ целата држава заинтересираните можат да добијат дополнителни информации. Досега за јавниот повик интерес пројавиле околу 60 лица , а конкурсот ќе биде постојано отворен со тоа што пресек за следната генерација за обука ќе се направи за пријавените заклучно со 18.12.2015 година.

Исполнето уште едно барање на граѓаните: Ќе се пролонгираат роковите за легализација на дивоградбите

Владата нуди нова можност за граѓаните да ги легализираат бесправно изградените објекти. На последната седница беа изготвени измени на Законот, со кој се предлага продолжување на рокот за комплетирање на поднесената документација, како и нов рок за поднесување барања за легализација на дивоизградените објекти. Со измените се предлага рокот за поднесување барања да продолжи до 31 март 2016 година, а за оние кои веќе имаат поднесено барање да можат да достават геодетски елаборати до 31 декември 2016 година. Тој додаде дека пролонгирањето на рокот за доставување геодетски елаборат за една година е направена со цел на граѓаните да им се остави простор да имаат време за достава на елаборатите кои се клучен документ во процесот на легализација, а на геодетските фирми ќе им се овозможи полесно да ја вршат работата бидејќи со сегашниот рок немаат доволно време да ги изработат сите поднесени барања. Првичниот рок за доставување на геодетски елаборати истекуваше на 31 декември оваа година. Мисајловски истакна дека ова е барање на граѓаните и очекува голем број нови барања за легализација на дивоградби. Сопственикот само по исплата на земјиштето ќе може да се стекне со права на сопственост врз земјиштето, а доколку во рок од 20 години сопственикот на земјиштето не бара надомест на штета, тогаш сопственикот на објектот во судска постапка може да бара право на сопственост врз земјиштето. Со измените се предвидува и доколку вредноста на земјиштето е поголема од вредноста на легализираниот објект, сопственикот на земјиштето може да плати надомест за објектот или да го купи објектот. Оваа измена не важи за објектите за домување или објекти од јавен интерес. Се дава и можноста да се легализираат објекти изградени на земјиште на Република Македонија со право на користење на други физички или правни лица без да се заверува изјава на нотар за тоа колку време го користат земјиштето. Предложените измени, како што рече Мисјаловски, се во насока на забрзување на процесот на легализација. За оние кои нема да ја искористат оваа можност и нема да ги легализираат објектите, ќе се постапи според Законот за бесправно изградени објекти. Во првичниот рок, од 2 март до 3 септември 2011 година, за поднесување барања за легализација на дивоизградени објекти беа доставени 360.000, од кои за 175.000 се поднесени елаборати, а запишани во катастарот и легализирани се 135.500 барања. Апелираше до имателите на инфраструктурни проекти да го искористат продолжениот рок и да поднесат барање за легализација.

ВЕТУВАЊЕТО ОСТВАРЕНО: Почнува реализација на 50 милионска инвестиција

Германска компанијата „Костал“ официјално почна со реализација на најавената инвестиција во Македонија во вредност од 50 милиони евра, која треба да отвори 1.000 работни места. На почетокот стартуваат во постоечки објект како браунфилд инвестиција, а од почетокот на наредната година ќе почне и изградбата на нивната нова фабрика. Премиерот Никола Груевски уште во март месец минатата година на митинг во Струга најави дека компанија од Германија донесе одлука за инвестирање во Македонија. Договорот за реализација на инвестицијата на „Костел“, денеска по средбата со премиерот Груевски во Владата, го потпишаа директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и извршниот потпретседател на „Костал“ Кристофер Сандерс. Фабриката на „Костал“ ќе биде лоцирана во ТИРЗ Струга- Охрид каде што ќе произведува електронски компоненти за автомобилската индустрија. Паралелно ќе работи во две фабрики и во објектот во поранешен ЕМО, како и во новата фабрика која ќе се изгради во индустриската зона. Преговорите за инвестицијата со германски „Костал“ започнала во 2013 година. Извршниот потпретседател на „Костал“, истакна дека по спроведеното истражување во многу земји за тоа какви услови нудат за инвестирање откриле дека Македонија е таа која им потребна, а Охрид и Струга им нудат многу предности за ниивниот иден бизнис. Директорот на ТИРЗ појасни дека „Костал“ ќе работи во објект од поранешно ЕМО од 6.000 метри квадратни кој го има земено под закуп на пет години. Во објектот на „Костал“ ќе бидат ангажирани поранешни вработени од ЕМО кои ќе почнат со обука, а производството се очекува да почне на почетокот на 2016 година. Инаку, „Костал“ постои 100 години, работи во 17 земји, има 16.000 вработени и во последните години двојно го зголеми својот раст и извонредно е позиционирана во автомобилската индустрија. Компанијата има годишен обрт од две милијарди евра.

Продолжува акцијата „Притисни црвено копче“ за решевање на имотно-правни проблеми

Преку акцијата „Притисни црвено копче“ сите правни и физички лица имаа можноста да се пријават за решавање на нивните имотно-правни проблеми преку директни средби со претставници од Управата. Јавниот повик траеше од 1 до 10 октомври, а денеска беа остварени првите директни средби помеѓу компаниите кои се пријавиле и претставници од надлежната институција. Поради големата заинтересираност оваа акација ќе продолжи и сите физички лица и компаниите кои го пропуштиле јавниот повик ќе можат да се пријават и да закажат средба со претставници од Управата за имотно-правни работи за да им се реши проблемот. Оваа акција со директни средби со граѓаните и решавање на нивните имотно-правни проблеми трае од 2011 година со тоа што сега е проширена и се решаваат проблемите и на физичките лица . Досега на овие повици се пријавиле 205 компании од кои проблемите им биле решени на 88 баратели, на 46 се делумно решени, а во тек се уште 20 барања.
Акцијата на Управата за имотно правни работи се реализира во соработка со стопанските комори од каде што оценуваат дека со ваквите активности се излегува во пресрет на барањата на стопанствениците. За сите подетални информации во врска со акцијата и начинот за закажување на директна средба граѓаните може да се информираат на веб страната на Министерството за финансии.

Спасов: Нови капацитети за згрижување на деца во Скопје

Општина Ѓорче Петров ќе добие нова детска градинка со капацитет за 150 деца. Просторија од основното училиште Ѓорче Петров во населба Дексион ќе се пренамени и адаптира во детска градинка. Градежните работи се веќе во тек и се очекува веќе наредната година, најдоцна во март да започне со работа како нова современа детска градинка. За еден месец ќе се започне изградбата и на нова детска градинка во месната заедница „Мирче Ацев“ за уште 50 дечиња.

Отворен Центар за дизајн и иновации „Јавна соба“

Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ од синоќа и официјално им стои на располагање на припадниците на македонската дизајнерска сцена. Станува збор за нов урбан иновативен и мултимедијален простор кој се протега на површина од 1.450 метри квадратни како место на кое во иднина ќе се генерираат мноштво креативни идеи и ќе се развиваат дизајнерски продукти во областа на креативните индустрии во Македонија.Следната година предвидени се повеќе куси резиденции на холандски дизјанери, како и дизајнери од Македонија и регионот кои ќе работат на проекти иницирани од страна на компании. Во план е и формирање на дизајн – инкубатор. Во просторот на Центарот „Јавна соба“ од оваа година се сели „Skopje Design Week“, која ќе се одржи од 26 до 29 ноември.