Петкоска: Изборот на директорката на Централниот регистар во Охрид е незаконски

Власта продолжува да ги злоупотребува државните институции, да фалсификува дипломи и лични податоци со цел задоволување на личните интереси на поединци.

Изборот на претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска за раководител на Централниот регистар во Охрид е незаконски од повеќе причини:

Прво, согласно Јавниот Оглас објавен за избор на одговорно лице за работење – раководител, кандидатот треба да има завршено високо образование Правни или Економски науки со најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката од кои внимавајте добро најмалку ЕДНА ГОДИНА  НА РАБОТНО МЕСТО ВО ЈАВЕН СЕКТОР.

Второ, согласно евиденцијата од Агенцијата за вработување претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, нема доволно работно искуство во струката на работно место во јавен сектор.

Трето, убедени сме дека за да го заобиколи системот, претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска својата партиска позиција ја има искористено за вршење притисок во Агенцијата за вработување, односно работното искуство кое го има стекнатo како ПОМЛАД РЕФЕРЕНТ ЗА ПЛАН И АНАЛИЗА, да го запише како ЕКОНОМИСТ ЗА АНАЛИЗА И ПЛАНИРАЊЕ.

Понатаму, претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска, согласно нејзиниот договор за вработување во ЈП „Охридски комуналец“ од 09.05.2012 година  до 10.11.2017 година е на работното место РЕФЕРЕНТ  ПО ПЛАН И АНАЛИЗИ, а по завршување на нејзиниот мандат како директор на ЈП „Градски пазар“ од 12.11.2021 година повторно се враќа на позицијата ПОМЛАД РЕФЕРЕНТ ПО ПЛАН И АНАЛИЗИ.

И во двата случаи работното искуство кое го стекнува претседателката на Социјалдемократскиот сојуз е со СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ. Во случајот со јавниот оглас за избор на раководител на Централен регистар Охрид, потребно е минимум една година работно искуство на било која позиција од другата група за која е потребна диплома од завршено високо образование, односно факултетска диплома.

Што се однесува на работното искуство како директор на ЈП „Градски пазар“ тоа не се смета за искуство во јавниот сектор, согласно член 2, став 3 од Законот за вработени во јавниот сектор.

Од тука изборот на претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска за раководител на Централен регистар Охрид е НЕЗАКОНСКИ.

За овие незаконски дејствија постои документацијата од која јасно може да се утврди претходно наведеното и за истата со претставка ќе го известиме трудовиот инспекторат и Агенцијата за спречување на корупција од кои очекуваме во најскоро време да постапат по истата. 

Ги повикуваме сите надлежни институции да преземат мерки, а претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска, да покаже доблест и уште денес да се повлече од раководната позиција во Централен регистар и од политичкиот живот.

На Македонија, Охрид и охриѓани не им требаат непочитувачи на пропишаните законски решенија.

Оваа власт мора час поскоро да замине од политичката сцена, за конечно во Македонија да почнат да се почитуваат законите, кои ќе важат подеднакво за сите!

Одговорност мора да има!

Петкоска: Власта не го закочи само Собранието, туку ги закочи и Охрид и Струга и целокупниот туристички и економски развој на државата

Случувањата на вчерашната пленарна седница се најдобар сведок за дволичноста на власта која со избрзаните законски решенија, туристичките места ги направи неатрактивни викенд дестинации!

Имено, на 18ти април пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог закон за дополнување на Законот за трговија по скратена постапка, со кој побаравме туристичките места да можат да работат и во недела.

Овој наш предлог вчера беше одбиен само затоа што на 9ти мај колегите од мнозинството поднеле идентичен закон, со идентична цел но наместо ползата што граѓаните ќе ја имаат од законското решение, побитно им било кој ќе биде предлагачот. 

И затоа што можат повеќе, после само неколку месеци од влегувањето во сила на законот што самите го составија и брзоплето го изгласаа, следува уште еден апсурд, а тоа е фактот што сега предлагаат 2% од вкупниот приход остварен во претходната година, наместо да бидат наменети за инвестирање во детски градинки, да се наменат за некаков  Фонд за развој и човечки капитал!

Сите ги знаеме нивните фондови и сите знаеме што сторија со човечкиот капитал, кој моментално на огромна жал на сите нас, се наоѓа во далечната Германија, Швајцарија, Хрватска, па и секаде – само што подалеку од оваа власт!

Со ваквото однесување, власта не го закочи само Собранието, туку ги закочи и Охрид и Струга и целокупниот туристички и економски развој на државата, од која еден по еден, ги избрка сите млади луѓе.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Предлог законот за измена на Законот за трговија мора што побрзо да се донесе, без оглед кој е предлагачот, затоа што пред сè, е во полза на туристичкиот и економскиот развој.

Петкоска: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата денес ќе поднесе Предлог-закон за изменување на законот за трговија со цел да се помогне на туристичкиот развој и економијата

Статистиката покажува дека во недела и за време на празник, посетителите се слободни и своето време го користат за туризам и купување во туристичките места. Од таа причина, сакаме да ја информираме јавноста дека денес ќе поднесеме Предлог-закон за изменување на законот за трговија.

Со Законот за трговија се уредуваат условите и начинот за вршење на трговија на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки. Во рамки на делот за вршење трговија, законот го уредува и работното време на трговците.

Имајќи предвид дека туризмот доживеа удар со Ковид мерките, сметаме дека со последните измени на Законот за трговија се создаде голем и тежок удар на и онака кревката туристичка и трговска дејност која се извршува во малите дуќани низ туристичките места, за кои недела и празник се денови во кои има најголема фрекфенција на купувачи.

Од причини што туристичките места ги посетуваат бројни домашни и странски туристи кои доаѓаат најчесто за време на викенд и празници, односно повеќе само на еден ден, а тој ден е токму недела или празник, на барање на туристите и трговците од туристичките места за подобрување на состојбата во оваа област, поднесуваме Предлог-закон согласно кој трговијата на мало ќе може да се врши и во недела во туристичките места утврдени со законот за туристичка дејност.

Го повикуваме владеачкото мнозинство да го поддржи овој Предлог закон со цел да се помогне на туристичкиот развој и економијата кои благодарение на оваа владејачка гарнитура се на колена.