Панова: Избраната претседателката на Судскиот совет Дамева е партиски активист и поранешен член на партиска комисија на СДС

Партизацијата на судството не застанува. Во услови кога сите па и самата власт посочува незапирливо загрижувачко растечко ниво на криминал и корупција, денеска за претседател на Судски совет е избран активист и поранешен член на партиска комисија на СДС, Весна Дамева.

На изборот претходеше оставка на претседател на Судски совет којшто посочи на, цитирам, хајка од судско-бизнис елита.

Весна Дамева и денеска по изборот мораше да ја правда фотографијата на којашто таа е фотографирана со сета партиска комисија на СДС заедно со Зоран Заев. Скандалозно е нејзиното објаснување за фотографијата, кога вели дека тоа што е сликана во партиски простории на СДС, со сите членови на партиската комисија на СДС, со Зоран Заев од СДС, дека тоа не давало впечаток за нејзина партиска припадност. Понатаму продолжува дека „не било спорно“, и дека „ Ние како граѓани сме симпатизери, сме поддржувачи“ на политичка опција.  

Почитувани, за партиско политичкиот момент во овој скандалозен избор на претседател на Судски совет, не може да се изземе и претходниот избор на Дамева за член на Судскиот совет, кога од стручна соработничка во Основен суд, којашто никогаш не облекла тога и не влегла во судница, не донела ниедна пресуда, на предлог на СДС и Стево Пендаровски беше избрана да ги цени судиите во Основен, Апелационен и Врховен суд.

Поголем доказ за партизација и избор на судии и членови на Судски совет, како и на сега претседател на Советот по, со зборови на Дамева, „тевтерче“- едноставно нема! Тевтерчето од кое што таа е избрана го видоа сите на фотографијата!

Почитувани, Ова е четврти скандал поврзан со партизација на судството и судските органи во само две недели. По изборот на Весна Дамева за претседател на Судски совет продолжува да се девастира судството и да се уништува правниот систем!

Панова: Талат Џафери ја суспендираше основната надлежност на Уставниот суд, само за СДС да избега од референдум

Талат Џафери ја суспендираше основната надлежност на Уставниот суд, само за СДС да избега од референдум.

Ако Собранието го има врвниот познавач на правото Талат Џафери, зошто тогаш е потребен Уставен суд? Зошто е потребно други истакнати правници да седат во Уставен суд и да земаат плата, ако нивната работа веќе ја врши Џафери?

Со што се задолжи антимакедонската СДС кај ДУИ, за Талат Џафери да прави вакви правни гимнастики за да ги спаси?

Над 60% од Македонците поддржуваа референдум и ќе излезеа на истиот. Огромно мнозинство од истите ќе гласаа за поништување на договорот со Бугарија. А, власта се исплаши од тоа.

Антимакедонската СДС знаеше дека доколку на референдум излезат околу милион наши сограѓани, тоа ќе биде крај за сите нивни политики, не само крај за договорот, туку и за владата и партијата која го преговараше.

Антимакедонската СДС го натера Талат Џафери спротивно од чл.24 од Законот за референдум да не дозволи негово одржување, и се стави над целиот парламентарен систем и воопшто не го испрати барањето до претседателот на Законодавно правната комисија, како што налага процедурата.

Џафери по налог на Ковачевски влезе во правни гимнастики кои немаат реална правна подлога, туку чисто силеџиство, и насилно практицирање на власта со кршење на сите норми и начела на правото.

Со политичка одлука е спречен највисокиот чин на демократијата – референдумот. 

Антимакедонската СДС и нивниот извршител во Собранието Талат Џафери треба да знаат дека од соочување со народ избегаа моментално, но одговорност пред народот ќе има, кога ќе бидат казнети и жестоко поразени.

Панова: Комисијата за европски прашања е свикана нетранспарентно, без можност опозицијата да даде свои предлог гости и експерти

Владејачкото мнозинство повторно демонстрира самоволие и го приватизира законодавниот дом.

Имено, денес во Собранието на Република Македонија започна јавната расправа по Предлог законот за вршење на сметководствени работи, која што ја побара пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, по претходни реакции и барања на сметководителите и фелата.

Но, сето ова ќе беше во ред доколку владејачкото мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ не ја опструираше редовната процедура и воспоставена пракса и не ја игнорираше опозицијата.

Токму затоа, потенцираме и сакаме да ја информираме јавноста дека Комисијата за европски прашања каде што на дневен ред е одржувањето на јавната расправа, е нетранспарентно свикана, без можност опозицијата да даде свои предлог гости и експерти. Исто така, уште еден апсурд е тоа што дури и денот на одржување на истата е без согласност на предлагачот т.е. опозицијата.

Исто така, нетранспарентноста и неискреноста во одржувањето на оваа јавна расправа се гледа и преку фактот што претседателот на комисијата г-динот Арбр Адеми очигледно сака набрзина да го помине законот и оваа јавна расправа, бидејќи веќе за утре е закажана Комисијата за европски прашања, а рокот за поднесување на амандмани беше до вчера до 16:00 часот.

Дополнително, до нас стигнаа бројни реакции од лица од фелата кои велат дека ненавремено и во последен момент биле известени за оваа јавна расправа, а имале желба да присуствуваат и учествуваат.

Очигледно, со оваа јавна расправа власта се обидува да си направи приватна забава за која чисто формално ќе се пофалат дека ја реализирале и дека го слушнале гласот на сметководителите.

Сепак, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ова да остане незабележано и затоа го прашуваме претседателот Адеми и владејачкото мнозинство, како тие знаат кои ќе бидат забелешките од оваа јавна расправа? Дали воопшто ги интересираат забелешките од фелата кои ги имаат на Предлог законот ? И како и кога ќе ги вметнат тие забелешки кога веќе утре е закажана комисијата?

Поради сите овие нелогичности, ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ бараме утрешната Комисија за европски прашања да биде одложена за некој друг ден т.е. додека не се добијат забелешките од фелата, кои би биле имплементирани во Законот.

Ова е нашето барање за кое се надеваме дека власта ќе има слух и ќе го прифати. Доколку не го стори тоа, уште еднаш ќе докаже дека сака да го протне овој закон на мала врата и дека сето ова е само евтин популизам за ќарување на ситни дневно-политички поени. 

Панова: СДСМ гласаше против зголемување на пензиите, СДСМ повеќе не смее да им погледне во очи на пензионерите

„Купи ден-помини“ политиката на СДСМ удри и по пензионерите. 

Лицемерието стана заштитен знак на СДСМ и ДУИ. Лажната грижа и празните зборови на СДСМ и ДУИ вчера излегоа на површина. Пратениците од владејачкото мнозинство на пленарната седница која што се одржа вчера, без око да им трепне, го одбија законското решение на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за зголемување на сите видови на пензии. 

СДСМ и ДУИ вчера покажаа како и што мислат за пензионерите во Република Македонија. Тие јасно покажаа дека не сакаат вистинско законско решение кое ќе значи вистинско зголемување на сите видови на пензии. Тие одбија закон со кој баравме зголемување на вкупниот износ на исплата на сите видови пензии за април за 20%. Тие одбија закон со кој имаше можност преку комисиска расправа да се обезбеди зголемување на пензиите линеарно по 3 000 денари за секој пензионер, се со цел да нема осетливи разлики во зголемувањето на пензиите.  

Меѓутоа, за жал пратениците од власта ова не ги интересира. Нив воопшто не им е гајле како оваа категорија на граѓани односно пензионите се справуваат со ценовните шокови и поскапувањата кои што се случуваат секојдневно во Република Македонија. СДСМ и нивната погубна економска политика ги доведе и пензионерите на работ на егзистенција кои секој месец едвај врзуваат крај со крај.  Почитувани, СДСМ едно зборува, друго прави. 

Вчера го одбија ова законско решение, а веќе од денес повторно ќе продолжи да ветува и напразно да зборува. Повторно ќе бидеме сведоци на нивната скапа ПиАр политика дека тие искрено се грижат за пензионерите, а дека ВМРО-ДПМНЕ е против зголемување на пензиите и подобрување на стандардот на оваа категорија на граѓани. Веќе видено и веќе оддамна прочитано од јавноста. 

Залудни ќе бидат обидите на СДСМ и нивните пратеници вината да ја префрлат на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа што вчера се случи, одбивајќи го нашиот предлог на закон е јасен показател дека за СДСМ се важни само евтините и политикантски ПиАр мерки и партиски интереси, а не вистинските потреби  на граѓаните кои навистина ќе донесат подобро утре за сите. Се изнаслушавме разни оправдувања и обвинувања од страна на СДСМ со цел да се испере од својата одлука за гласање против зголемувањето на пензиите, но сепак и тие самите знаат дека ова веќе не им поминува. Самите знаат дека повеќе нема да смеат да им погледнат во очи на пензионерите.

На секој пензионер во нашата држава му стана јасно чии интереси штити СДСМ и тоа ќе го казни на следните избори. Ова што СДСМ го направи нема да помине кај народот.  На крајот, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, но и како предлагачи на законот, изразуваме длабока разочараност од одлуката на колегите пратеници од СДСМ и мнозинството. Се надеваме дека во иднина колегите пратеници од мнозинството ќе престанат да бидат само гласачка машина на штетни закони и ќе почнат да работат во интерес и за доброто на сите граѓани на Република Македонија. 

Панова: Судскиот совет да ги почитува законите според кои Иван Џолев не смее да биде избран за ВД на Основен Кривичен Суд

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува членовите на судскиот совет да го почитуваат Уставот и интересот на граѓаните на Република Македонија, а не политичките притисоци кога денес ќе одлучуваат за именување на Вршител на Должноста Претседател на Основниот кривичен суд Скопје 1.

Постојат сознанија дека власта во заминување врши притисок за денеска Советот да донесе политичка, а не одлука согласно закон, и со кршење на законот и уставот досегашниот претседател Иван Џолев да биде назначен за ВД претседател на судот, само заради исполнување на политички агенди на власта во заминување.

ВМРО-ДПМНЕ во име на граѓаните на Република Македонија бара Членовите на судскиот совет денеска да не подлегнат под притисоците и да не донесат политичка одлука со која за в.д на Основниот кривичен суд би го избрале судијата Иван Џолев. Напротив, очекуваме членовите на судскиот совет, телото за контрола на судската власт, да ги почитува Уставот и законите и според нив, да го изберат најдобро оценуваниот судија.

Во законот за судови е предвидено дека  ,,во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот (како во овој случај), до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“.

Изборот на Иван Џолев  за в.д. претседател ќе е директно кршење на законите и Уставот, што би го нарушило угледот на Судскиот совет и дополнително ќе ја поткопа довербата во независноста при носење на одлуките, што впрочем е и во фокусот на интересирањето на ЕУ.

Веруваме дека членовите на Судскиот совет добро се запознаени за интересот и фокусот на Европската унија и на другите стратешки партнери на Македонија, кон имплементацијата на стратегиите и методологиите донесени од Судскиот совет, пред се за Методологијата за квалитативно оценување на судиите, Методологијата за утврдување сложеност на предмети, Стратегијата за човечки ресурси, како и за Акцискиот план за борба против корупцијата. 

Од тука работењето на Судскиот совет и носењето одлуки согласно Закон и Устав имаат подалекусежни влијанија од оние на кусогледите политичари во заминување. 

Уште еднаш, апелираме членовите на судскиот совет да ги почитуваат законите и Уставот  и за в.д Претседател на суд, да го назначат најдобриот оценуван судија, оценуван токму  од страна на Судскиот совет.

Панова: Од данок на имот се собираат милиони а никој не знае каде се трошат, затоа ВМРО-ДПМНЕ го предлага проектот “Мој данок, мој проект за мојата општина”

Само минатата година според завршната сметка на државата која опфаќа средства уплатени на име данок на имот на пример Градот Скопје собрал 726,224,243.00 денари, односно 12 милиони евра, Општина Битола – 138,773,068.00 денари или околу 2,3 милиони евра, Општина Прилеп – 75.914.184.00 денари или 1,3 милиони евра, Општина Охрид – 179,181,588.00 денари или околу 3 милиони евра.

Граѓаните кој што го платиле данокот на имот не знаат каде завршиле овие средства. Дали завршиле за луксузни патувања, скапи ручеци, возила за градоначалниците, партиски вработувања или за други непродуктивни трошоци, додека имаме градови кај што водата не е за пиење, имаме лоша инфраструктура, училишта кои се распаѓаат. Оттука легитимни се прашањата колку училишта можеше да изгради Шилегов со 12 милиони евра од данок на имот во една година? Колку улици можеше да направи Петровска во Битола, колку паркови и игралишта можеше да се направат во Прилеп и колку можеше да се инвестира во комунална инфраструктура во Охрид, или колку метри канализација можеше да се направи во општина Струмица, од парите уплатени од граѓаните како данок на имот во САМО ЕДНА ГОДИНА?

Затоа ВМРО-ДПМНЕ го нуди проектот „Мојот данок за мојот проект, во мојата општина“ во рамките на концептот „Македонија за сите луѓе“, со кој им се дава можност на сите граѓани да бидат оние што ќе одлучат каде ќе се потрошат нивните пари.

Сите граѓани ќе можат самостојно да одлучат каде ќе се инвестираат нивните пари на локално ниво, дали тоа ќе биде ново училиште, нова улица, парк или било што друго, што сами  тие сметаат дека им е неопходно.

Со мерката нема повеќе да се дозволи на било кој општински функционер да троши народни пари на непотребни патувања, партиски вработувања или некои непродуктивни трошоци.

Почитувани,

Кога СДСМ ќе убедува дека нема доволно средства да реализира одреден проект или да реши еден проблем на граѓаните имајте во предвид дека милиони се влеваат во буџетите токму со уплатата на данок на имот.

Но парите се потрошени, а проекти нема.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ нуди нов пристап, кој гарантира транспарентност и отчетност, но и обврска тоа за кое граѓаните уплатиле да се изгради. Проектите ќе бидат објавени на страната на општината и ќе има бројач, како ќе се полнат средствата за тие проекти, така тој проект ќе мора да се реализира. Мора домаќински да се трошат народните пари, а тоа го нуди концептот „Македонија за сите луѓе“ токму преку проектот „Мојот данок за мојот проект, во мојата општина“.

Панова: Мерката „Мојот данок за мојот проект, во мојата општина“ ќе им даде право на граѓаните тие да одлучат на кој проект ќе се трошат нивните пари

СДСМ се однесува неодговорно со парите на граѓаните кои се собираат во буџетите на општините и државниот буџет. Четири години гледаме корупција, криминал и расипништво. Време е за реалната моќ на одлучување да се врати кај граѓаните. Проектот – „Мојот данок за мојот проект, во мојата општина“ ќе го направи токму тоа.

„Мојот данок за мојот проект, во мојата општина“ е мерка со која ќе им овозможиме на граѓаните парите кои ги уплаќаат на име на данок на имот да изберат за каков проект сакаат да бидат потрошени.

Граѓаните ќе може да одлучат кај ќе се инвестираат нивните пари на локално ниво, дали тоа ќе биде ново игралиште, нова улица, парк или било што друго, што тие сметаат дека им е неопходно.

Нема повеќе некој од општината да одлучува во име на народот, а тој да мора да прифаќа зошто така кажал некој во општината.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи парите на граѓаните да бидат трошени на патувања или некои непродуктивни трошоци на општинските функционери. И токму затоа им даваме на граѓаните, тие да одлучат и тие да бидат господари на своите пари.

Мерката „Мојот данок за мојот проект, во мојата општина“ ќе значи и транспарентност и отчетност на општинските власти. Општинската администрација ќе биде обврзана на транспарентност, проектите ќе бидат објавени на страната на општината и ќе има бројач, како ќе се полнат средствата за тие проекти, така тие проекти ќе се реализираат.

Време е за поинаков пристап. Време е за одговорност, отчетност и работа. Време е за Македонија на сите луѓе!