Младинскиот тим на Е. Пелистер оствари историски успех обезбедувајќи пласман на фајналфор турнирот од младинската Лига на Шампионите, а ЕХФ денеска и официјално ги објави термините за полуфиналните натпревари.
Иако беше најавувано дека пласманот на фајналфор ќе значи и играње во легендарната „Ланксес Арена“ во Келн, сега е јасно дека тоа ќе биде привилегија само за финалистите.
„Пелистерци“ во полуфиналето ќе се сретнат со ГОГ на 14 јуни, а ЕХФ мечот го закажа во 9 часот наутро, во салата „Баер Спортцентер“ во Дормаген, мал град оддалечен 24 километри од Келн.
Европската куќа на ракометот објави дека ќе има лимитиран број на билети, кои ќе бидат бесплатни и поделени меѓу четирите екипи учесници на овој фајналфор турнир.
Во второто полуфинале ќе се сретнат Барселона и Веспрем, меч закажан во 11.30 часот наутро, исто така во Дормаген.
Мечот за третото место повторно ќе се игра во Дормаген, на 15 јуни во 9 часот наутро, а само големото финале на младинската ЛШ ќе значи и играње во „Ланксес Арена“ во Келн, меч закажан за 11.30 часот на 15 јуни.