Свет „Сакаме промена“

Крајот на изборната кампања во Канада засенет од нападот во Ванкувер

Трамп ги налути Канаѓаните со царините и со изјавите дека Канада е „51-та држава на САД“, што ја намали предноста од околу 20 процентни поени што ја имаше Поалиевр, кого либералите го споредуваат со Трамп.

Крајот на изборната кампања во Канада засенет од нападот во Ванкувер

Канадскиот премиер Марк Карни и лидерот на Конзервативната партија Пјер Поалиевр ги завршија своите предизборни кампањи во мрачно расположение по нападот во Ванкувер, каде што најмалку 11 лица загинаа откако маж со автомобил прегази луѓе на фестивал на филипинската заедница.

Вчера беше последниот ден од петнеделната кампања пред денешните избори, во која Карни и Поалиевр ги презентираа своите ставови пред гласачите. Кампањата главно се фокусираше на царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп и неговите закани за анексија на Канада.

Не е јасно дали трагедијата во Ванкувер ќе влијае на изборните резултати. Двајцата кандидати упатија сочувство. Полицијата уапси 30-годишен маж од Ванкувер, кој ѝ бил познат. „Ова е огромна загуба за филипинската заедница во Канада и за сите Канаѓани“, изјави Карни на собир во Саскачеван. Поалиевр, зборувајќи во Оуквил, Онтарио, ја спомна трагедијата, додека неговите поддржувачи извикуваа „Сакаме промена“, нагласувајќи ја желбата за нов почеток по речиси една деценија либерална власт на поранешниот премиер Џастин Трудо.

Поалиевр вети намалување на трошоците за надворешна помош и укинување на федералниот данок на продажба за автомобили произведени во Канада додека траат американските царини. – Ќе го наградуваме производството во Канада“, рече тој. Карни, пак, на собир во Саскачеван, по претходен настан во Онтарио, истакна дека тој е најсоодветен да ја води Канада низ кризата предизвикана од царините на Трамп.

Според анкетите, Либералната партија на Карни има мала предност пред гласањето. Трамп ги налути Канаѓаните со царините и со изјавите дека Канада е „51-та држава на САД“, што ја намали предноста од околу 20 процентни поени што ја имаше Поалиевр, кого либералите го споредуваат со Трамп.

Изборните единици во Британска Колумбија, вкупно 43, се меѓу најспорните во земјата. Анкета на „Нанус“ објавена вчера покажа дека разликата меѓу двете водечки партии е околу 4 процентни поени, со 43 отсто поддршка за либералите и 38,9 отсто за конзервативците на национално ниво. Ваквиот резултат обично би довел до победа на либералите, бидејќи нивната поддршка е поконцентрирана во урбаните области богати со мандати. Сепак, не е сигурно дали тоа ќе им овозможи мнозинство за самостојно владеење, без поддршка од помали партии, оценуваат аналитичарите.

To top