Стојанов: Ги реализираме проектите кои ги ветивме пред граѓаните на Неготино, во наредниот период следува партерно уредување на саат кулата, асфалтирање на дел од улица во Село Криволак како и нов парк и резервоар во Село Требник

Уште од самото стапување на функцијата Градоначалник, ветивме дека ќе работиме чесно и одговорно се во интерес на граѓаните на Општина Неготино. Општина Неготино како и секоја друга Општина не беше финансиски во добра кондиција. Ја затекнавме во околу 60 милиони денари во минус.

Уште од самиот почеток почнавме да ги реализираме проектите коишто ги ветивме пред граѓаните на Општина Неготино. Во првите 100 дена донесовме ваучер стимулација за секое новородено дете во Општина Неготино, ја донесовме „Моја Патрола“ која што имаше за цел да биде одговорна за сите неправилности како на територијата на Општина Неготино така и на руралните средини, донесовме и стимулација за секој потенцијален инвеститор во Општина Неготино.

Проектите коишто ќе бидат во текот на наредниот период за изработка се партерно уредување на саат кулата во Општина Неготино, асфалтирање на дел од улица во Село Криволак, парк во Село Требник и резервоар во истото село.

Во наредниот период ќе имаме и други проекти коишто заедно со граѓаните на Општина Неготино ќе придонесеме за подобри услови за живеење во неа.

Николоски: Владата се покажа како неспособна да ги решава проблемите на граѓаните и затоа треба да ја прифатат понудата на ВМРО-ДПМНЕ

Денеска сме во посета на општина Неготино, имаме средби со градоначалникот, со пратениците, со претставниците на Советот, исто така покрај градот ќе ги посетиме и околните населени места, сакаме да поразговараме со земјоделците.

Она што го кажа градоначалникот и е значајно, веќе по само 5 месеци од завршувањето на локалните избори се чувствуваат сериозни промени во општините каде што ВМРО-ДПМНЕ предложи свои кандидати и станаа градоначалници.

Општините беа затекнати во исклучително тешка финансиска состојба, дополнително на тоа е енормното поскапување на електричната енергија која што поскапе некаде до 5 пати за општините, значи 500%. Доколку претходно една општина плаќала на пример 1 милион денари за улично осветлување, сега плаќа 5 милиони денари, што сериозно ги отежнува буџетите на општините и прави проблем на градоначалниците во реализација на проекти. Но, дури и во такви услови тука во Неготино има започнато проекти и дополнително во овој момент се планираат проекти кои ќе се реализираат во следниот период.  Ние активно ќе ги следиме и се надевам дека после предвремените парламентарни избори ќе може владата уште повеќе да помага, затоа што сметаме дека жителите  на целиот овој регион Тиквешијата, на Неготино, Кавадарци, Демир Капија, Росоман заслужуваат поголема поддршка затоа што овој регион треба да се развива.

Сакам да дадам коментар на 2-3 државни теми. Прво, она што според мене е најзначајно, тоа е политичката и економска криза со која Македонија се соочува. Во четвртокот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски излезе со предлог решение за излез од политичката и економска криза.

Во услови кога Македонија е во континуирана политичка криза веќе 5 години, во услови кога оваа влада го одржува мнозинството со само 1 до 2 пратеници плус во Собранието, дополнително на тоа, една економска криза, и војната во Украина која резултира со енормно поскапување на основните продукти, резултира со немање на доволно производи, запирање на македонскиот извод, го доведува македонското земјоделие во сериозна криза, особено во овој регион каде што под голем прашалник е извозот на македонските земјоделски производи и финалните производи, како виното, грозјето, но и праските и сето она коешто ќе стаса во следниот период.

Во едни такви услови, ВМРО-ДПМНЕ нуди четири тима во четирите најгорливи области, а тоа е секако економијата, надворешните работи и евроинтеграциите односно односите со Бугарија, здравството и образованието. Овие четири тима со луѓе коишто се високо политички профилирани во ВМРО-ДПМНЕ но и се експерти во своите области се спремни да помогнат на Владата а со тоа и на граѓаните на Република Македонија за излез од кризата и исто така да се договори соодветен датум за предвремени парламентарни избори.

Навистина сме разочарани што премиерот Димитар Ковачевски на самиот почеток ја одби оваа идеја, затоа што неговата Влада се покажа неспособна, како Влада којашто не знае да решава проблеми, како Влада којашто ја продолжува корупцијата на Зоран Заев и како Влада којашто дополнително економски ја тоне Македонија.

Мислам дека добро треба да размислат, да ја прифатат оваа идеја на ВМРО-ДПМНЕ за четири тима во надворешните работи, економијата, здравството и образованието проследено со определување на датум за предвремени избори затоа што тоа е начин Македонија да излезе од оваа политичка и економска криза.

И од овде да порачам од Неготино, доколку Димитар Ковачевски не е тој којшто ги носи одлуките во СДСМ и доколку не може да донесе одлука во СДСМ, спремни сме да разговараме во СДСМ со секој еден којшто тие ќе го посочат дека носи одлуки. Ако е Зоран Заев да разговараме со Зоран Заев, ако е Радмила Шекеринска да разговараме и со Радмила Шекеринска, кој носи одлуки во СДСМ со него да седнеме да поразговараме затоа што потребно е Македонија да излезе од оваа економска и политичка криза преку предвремени парламентарни избори и преки решавање на овие четири горливи проблеми со коишто се соочува Македонија.

Се различно од ова значи само голо останување на власт и се различно од ова значи продолжување на криминалот, затоа што во најава има неколку големи тендери, повторно во четири очи во РЕК Битола, како што се случуваше минатата година. А, веќе коалиционите партнер на СДСМ, ДУИ јавно говори за некакви си повици за изградба на автопати во услови кога пет години не се градат автопати во Македонија. Но, гледаме паралелно се случуваат процеси кои што водат кон криминалитет во овие проекти, така што кога сето тоа ќе се стави на купче, јасно е дека изборот е или излез од политичката и економска криза и предвремени избори или продолжување на криминалот за што, секако ќе има одговорност.

И втората тема која што сакам да ја споменам е состојбата во земјоделието. Како никогаш до сега, земјоделците се во очајна состојба и за жал, лошите практики само продолжуваат. Свежо се сеќаваме на состојбите од минатата и предминатата година со откупот на грозјето, кога земјоделците или не можеа да го откупат својот род или го продаваа по исклучително ниски, недостојни цени. За жал, оваа година очекуваме продолжување на тие трендови и проширување и во другите сектори, веќе има голем проблем со пролетната зелка. Очекуваме проблем со вишната, со малината, со праските кога ќе стасаат, со црешата и исто така со комплетните раноградинарски производи, што се на се, го става во една многу деликатна состојба македонското земјоделие.

Во услови кога владата најавува најголемо задолжување во историја на државата од 900 милиони евра, во услови кога ќе се задолжи оваа Влада како ниедна претходна, не гледаме ни денар од тие средства дека одат за да се помогне на земјоделците. И внимавајте, оваа задолжување ќе биде исклучиво за тековни трошоци на владата, па се поставува логичното прашање, што правата со буџетот во услови кога им се потребни 900 милиони само за тековно трошење, а не за капитални инвестиции или за помош на земјоделците.

Мицкоски: Во секоја општина каде што ВМРО-ДПМНЕ има градоначалник се гледа напредок, работа и промени

Ќе ми дозволите на почеток да му честитам на Иван и на тимот кој што работи овде во Општина Штип, се гледа напредокот, се гледаат промените, успесите, нешто што е различно од тоа што го гледаме на централно ниво и нешто што беше различно од пред Иван да биде тука изминативе четири години на неуспеси и неработа овде во Штип.

ВМРО-ДПМНЕ овде во Штип продолжува да го исполнува тоа кое што го вети за време на кампањата, како и насекаде низ Македонија.

Јас нема да зборувам премногу за проектот бидејќи Иван доволно кажа, но доволно зборуваат овие млади наши сограѓани овде во населбата Баби кои што се радуваат на овој спортски комплекс. И убеден сум дека многумина утре ќе бидат успешни фудбалери во „Брегалница“ или пак кошаркари и кошаркарки, ракометари и ракометарки овдека во Штип.

Младите треба да спортуваат, само така можат да го јакнат духот и само така може да се учат на витештво.

Се надевам дека набргу од денеска ќе биде и втората фаза готова и ќе можат да го комплетираат овдека во Штип целиот овој комплекс, но и ќе продолжиме понатаму и заедно со Иван овдека и администрацијата во останатите делови да се инвестира во Штип да се инвестира и да се градат вакви спортски комплекси, но и не само тоа туку и инфраструктура како надземна така и подземна.

Уште еднашка на крај ќе ми дозволите да му честитам на Иван, да и честитам на целокупната администрација овдека во Штип и само така да продолжат, затоа што доста се порази, на народот му треба единство. Единство околу програмата на ВМРО-ДПМНЕ, што ни е потребна и за следните предвремени парламентарни избори, да не биде Македонија уценувана од една политичка елита која што тоа го прави веќе 20 години.

Јорданов: Инвестиција од 3,5 милиони во спортски комплекс во населбата Баби во Штип, во следна фаза ќе се инвестираат уште 4,5 милиони

Денес во населба Баби заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со директорите на јавните претпријатија, советниците и нашите сограѓани сме тука свечено да го пуштиме во употреба спортско рекреативниот центар кој опфаќа спортски терени кои се комплетно реконструирани со софистицирана тартан подлога, нови кошеви, голови, партерно и хортикултурно уредување на парковата површина, целосно осветлување, поставување на канделабри, инвестиција одвоена од буџетот на општина Штип во вредност од 3,5 милиони денари.

Ова е прва фаза од уредување на овој простор во најголемата населба во Штип, Баби, а следна фаза ќе биде издвојување на дополнителни 4,5 милиони денари за нова парковна површина веднаш до оваа содржина со што овој дел од градот ќе добие прекрасен лик, прекрасно катче во кое ќе уживаат сите генерации од најмлади со највозрасни

Сакам да напоменам дека до овој момент на територија на Штип се одвиваат во неколку населени места градежни активности и се одвива градежната експанзија која ја најавивме и се надевам дека во наредниот период ќе произлезат капитални инвестиции и проекти со кои што ќе се подобри животот на сите наши сограѓани.

Македонија ја има сѐ помалку, а народот гладува: Мицкоски бара лидерска средба за излез од кризата

„Не очекуваме и не бараме 100 дена грејс период за новата Влада. Едноставно, нема време за запознавање и анализи. Влегуваме во жарот на проблемите и предизвиците“- ова е изјавата на Димитар Ковачевски, дадена пред точно 101 ден или да бидам попрецизен кога беше избрана старо новата Влада со него како администратор.

Тој не побара грејс период, но јавноста, опозицијата, медиумите, критичарите го дадоа тој комодитет за да може да се размавне и да се прикаже резултати.

Но ако се прашувам лично, оваа влада нема легитимитет, ниту пак има нови 100 дена, затоа што таа најавтентично ги продолжи сите неуспеси и на сите погрешни политики на владата која речиси 5 години ја уништува Македонија ги продолжи. Процес во кој Македонија ја има се помалку, а животот е се потежок, во економијата, земјоделието, образованието, здравството, енергетиката, надворешната политика.

Никогаш повеќе немало ѕидови на поделби, на наши и ваши, на припадници на една заедница, наспроти припадници на друга заедница како во овие 100 дена. Повторно се разговара за проценти, се пребројуваме, се збори за бадинтер, за балансер. Имаме борба на тоа чив триумф на суети е поголем во време кога Македонија и народот на Македонија за жал ги има се помалку.

Ако овие 5 години Македонија се уништуваше чекор по чекор, овие 100 дена имаме целосно разградување и разграбување на тоа што преостана. Како на забрзана филмска лента. Поскапа струја, парно, превисоки цени во маркетите, инфлација, милионски задолжувања, енергетска криза, здравствена криза, криза во образованието. И не велам дека причините се создадоа само во овие 100 дена, туку тлееа, се натрупуваа нерешените проблеми цели 5 години.

Прв пат во историјата имаме министри кои народот не ги познава. И таквата незаинтересираност и непознавање не е вина поради народот, туку поради невпечатливоста, неавтентичноста и непрепознатливоста на првите луѓе во ресорите.

Па оттука сакам да го поставам прашањето знае ли некој како ве вика вицепремиерот за водење на политики за добро владеење  во оваа влада? Има таков ресор, ама јас сум сигурен дека името на овој министер, вицепремеир ретко кој го знае.

Го видел ли некој или слушнал или како се вика, пак знае министерот за животна средина и просторно планирање.

Направиле ли некој настан, промовирале ли некоја политика за граѓаните министерка за труд и социјална политика или оној министер на ДУИ за образование и наука кој патем да не беше протестот и заканите со кривичен прогон по просветниот кадар кој протестира немаше да знаеме дека воопшто постои?

Ако Заев ја доведе Македонија до дното, Ковачевски покажува дека дното можел тој да оди и подлабоко.

Јавноста не ги знае имињата на министрите, ама овие 100 дена ги продолжија старите навики, на тендери во четири очи, на криминал, корупција и неспособност.

Овие 100 дена се показател дека народот живее крпен живот.

100 дена на растечка сиромаштија и галопирачка инфлација.

100 дена на покачени сметки и на давачки. На раскчмување на идентитетот и трговија зад затворени и отворени врати.

100 дена живот во национална катастрофа.

И еве зошто со оваа Влада овие 100 дена имаме живот ќе повторам во национална катастрофа:

Оваа влада најави ново задолжување од цели 900 милиони евра, повторувам 900 милиони евра и обнова на односите со ММФ, нешто што беше напуштено пред речиси 15 години. Со овој заем Македонија влегува во должничко ропство, повторувам должничко ропство кое ќе ги опфати и се уште неродените чеда на Македонија. И овие пари нема да се користат за нови автопати, нови училишта, нови градинки или болници. Не, ова се пари кои што ќе ги потроши оваа Влада за да ги покрие дупките во Буџетот кој што немилосрдно го краде и раскрчмува. Овие пари нема да завршат за нови повисоки плати, пензии, туку ќе повторам за тековни трошења, за повеќе луксуз на министрите, за повеќе тендери во четири очи, за нови пари во приватни џебови.

И најголемиот проблем за секој еден човек се токму скапите цени на производите, наспроти ниските плати. Додека владата пак не превзема ништо.

Бензините за две години се зголемени за повеќе од 80%;

Килограм шеќер е има повисока цена за 36%;

Килограм брашно 83% повисока цена;

Литар масло за јадење 107% повисока цена;

Литар млеко е 47% повисока цена;

Струјата поскапе за повеќе од 30 проценти за две години, а поскапе и парното. Државата влезе во силна енергетска криза.

100 дена на протести, бунтови, насолзени очи на земјоделци. 100 дена во кои матичните лекари протестираа за поголеми права. Период во кој е незадоволна и државната администрација. Време кога и припадниците на МВР протестираа за поголеми права, исто како и вработените во Управата за матични кнгии.

Трудот на земјоделците пак остана неисплатен. Се увезе пченица од Србија, иако Владата лажеше дека имаме стабилни стокови резерви и помош не ни требало. Оризопроизводителите протестираа и за тоа беа приведени во кочанската полиција, додека ѓубривото поскапе за повеќе од 100 проценти.

И сакам кратко за штрајкот на вработените во просветата. Навистина ми е жал што Владата овие 100 дена не ги поддржа законите кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот за повисоки пензии, повисоки плати на администрацијата и просветниот кадар. Сакам да искажам недвосмислена и апсолутна поддршка на просветните работници и нека биде јасно, ќе го поддржиме секое решение кое ќе биде во насока на поголеми права, повеќе плата за овие луѓе за подобар и за подостоинствен нивен живот. И навистина ги гледам како глупави и неважни обвинувањата дека политички бил мотивиран штрајкот, затоа што борбата за стандардот на оние кои создаваат иднина не е само наше право, туку и обврска.

Сведоци сме дека изминативе денови дека јуришникот на ДУИ, министерот во министерството за образование и наука и силно мотивираните режимски директори во делот училиштата низ Македонија и во Скопје се заканува и се обидува на тој начин да ги заплаши вработените просветни работници, но и учениците. Мојата порака до него, но и до режимските директори дека ова ќе заврши, ќе има одговорност. А, мојата порака до професорите и до наставниот кадар е никој не смее да ве плаши се додека борите чесно и достоинствено за вашите права. Аеродром не е на ДУИ и на СДСМ. Во Аеродром градоначалник е од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е слободна територија. Тетово, не е ДУИ и СДСМ, таму е градоначалник од Беса и тоа е слободна територија. Гази Баба, Ѓорче, Кочани, Велес, Гевгелија, Виница и останатите 50 општини во Македонија не се градоначалници на ДУИ и СДСМ, тоа се слободни територии, таму нема хибриден режим, таму се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. И се додека се борите за вашите права, ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе застанеме позади вас, нас ни требаат мотивирани луѓе, кои што ќе ги образуваат нашите деца за да можат да ја градат Македонија онака како што таа Македонија заслужува да биде.

И додека сето ова се случуваше, Владата што направи?

Владата купи за Ковачевски нов прибор за јадење, 88 евра за позлатена  чинија, а 10 евра за позлатен нож. И така неколку стотици парчиња. Додека се зајмува владата за нови 900 милиони евра заем, а народот гладува, Агенцијата за храна и ветерина објавува тендер за изградба на нова зграда од 8.3 милиони евра. Повеќе 2.5 милиони евра во ек на пандемија и економска криза потрошени за луксузни возила. Нов мебел за институции од владата од 300 илјади евра.

И ова не го покажувам како израз на ниски страсти, туку со чувство на страшна мачнина за отсуството и оделепеноста на владата од реалноста. — Живот во национална катастрофа во кој Македонија ја има се помалку. Живот на рати.

Неприфатливо е дозволувањето на оваа влада, да се мешаат соседните држави во нашите внатрешни работи, па сега откако ќе ги исполниме критериумите за ЕУ, да мора да ги исполниме и критериумите на Петков, кои се за негова домашна употреба. Петков штити свои државни интереси, проблемот е што недостасува заштита на македонските интереси.

Зад овие интереси не стои нашата држава и нејзините институции. И ако условот е да се исполнат сите бугарски барања кои ќе значат исполнување на нивната бугарска декларација, на наша штета, тоа е нешто со кое ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се согласи ниту пак да се помири. И ако има отворање на Уставот чин со кој е предвидено дел од бугарскиот народ да биде вклучен во преамбулата на истиот ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи без  претходни писмени гаранции за нашата историја, за нашиот македонски јазик, без вештачки фусноти, за нашата посебност и културна различност. Повторувам, да се знае сега, нема тоа да го поддржиме и нема тоа да помине.

Јас сум апсолутно свесен дека Ковачевски е подготвен да потпише се само чека да види дали Петков ќе може тоа да го помине во Бугарија. И тоа најверојатно во овој пластелин, наш вештачки парламент ќе помине, но за промени во Уставот им требаат две третини, тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи.

Слушаме за чувствата на Бугарите, слушаме за приказните на Петков за добрососедсво чии дела не ги гледаме, слушаме и за канонадата на асимилаторски изјави за кои никој во државата не реагира, за лекциите за исполнети критериуми, исполнети прашалници, а го поставил ли некој прашањето за чувствата на Македонците во Македонија, на овој народ кој скаменето чека за иднина која ја нема, и бара достоинство кое му  го продаваат, и за Европа која никако да дојде.

Овие работи иако болат, мора да се знаат. Исто како што треба да се знае дека за секој чекор на ВМРО-ДПМНЕ потребно е национално единство и обединување. Барам и испраќам до народот на Македонија порака на обединување и висока свесност за состојбите, зошто секоја грешка од сега понатаму ќе биде скапо платена.

Овие 100 дена на живот во национална катастрофа, е и живот исполнет со криминал и скандали.

Видовме како генералниот секретар оди по стапките на претходниот генерален секретар, и тоа со договор во 4 очи, за нова милионска зделка, додека вработените во Македонска пошта штрајкуваат за плати.

Видовме и како МВР на Спасовски дава половина милион евра на транспортната фирма што набавуваше 2 машини за перење од над 25.000 во Ѓорче Петров. Непостоечка фирма направила милионски профит од лифтови. МВР ангажирала фирма за набавка на компјутери чија ќерка фирма е на црната листа на САД, а цел ден полна устата име со нашиот стратешки партнер и некакви европски вредности. Исчезна канабис од фабрика за марихуана и нема одговорен за тоа, како и цел арсенал на оружје кој исчезна од депото на МВР. Младиот живот на хрватскиот ракометар згасна, додека убиецот побегна под чудни околности, а благодарение на притисокот од јавноста потоа институциите мораа да делуваат. Го слушам и она отсутно фалење на Ковачевски дека овие сто дена имало напредок бидејќи само 4 животи згаснале во сообраќајќи. Замислете со што се фали.

И ова е само мал дел од низата на скандали, а да не зборувам за оние 5 годишни скандали, рекети, туциња на пари, неисполнета правда и криминал за кој и 5 години вклучително и оваа не пишуваат како заробена држава со најголема корупција во Европа. Само ќе ве потсетам на бројчаникот. Дали некој се сеќава што се случи, дали некој го запали, дали некој виде некаква сума таму? Сума има, ама во џебот на едно семејство во југоисточна Македонија

Драги пријатели,

Ова е најболната дијагноза на нашето општество и овој живот во националната катастрофа. И сето што досега го зборев е нашето искуство од присуството на терен во рамките на акцијата „ПРОМЕНИТЕ СЕ СЛУЧУВААТ, СЕКОГАШ СО НАРОДОТ“.

И има многумина кои прашуваат, а што правите вие како опозиција? ВМРО-ДПМНЕ овие 5 години е на самиот браник на државата, со сите бури, ветришта и удари со кои се соочивме.

И не, оние кои веруваат, туку оние кои ја потхрануваат оваа идеја „што правите вие”, се истите оние апологети кои имаат за задача да шират теза дека сите се исти, кога ние сме потполно различни и да не помешаат со истото она затруено диво месо од власта, за да ги намалат предаствата и вината на власта за сето ова што се случува. Тоа се истите оние апологети кои имаат за цел да одлучува Речица за иднината на Македонија, тоа се истите оние кои допринесуваат повеќе тендери во 4 очи, тоа се истите оние кои го делат македонското ткиво и тоа се истите оние апологети кои имаат за цел да го поделат народот на Македонија, без разлика на нивната етничка припадност.

Затоа барам обединување, општествено обединување и поддршка околу политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Да можеме да ги поразиме на следните предвремени парламентарни избори, за да може грешките од изминативе 5 години да ги исправиме и да може Македонија да се развива како пристојна европска држава каде што нема мафијашки банди да царуваат на улиците и да ни ја трујат младината со наркотични средства, каде што нема канабис да исчезнува, каде што нема има тендери во 4 очи, каде што децата ќе ни се вратат, каде што ќе има странски инвестиции како некогаш да бидеме рекордери во регионот, а не на дното, каде што капиталните инвестиции ќе бидат во стотици милиони евра.  Тоа е Македонија која што ние ја нудиме и бараме општествено обединување околу овие политики.

Барам да бидете сите вие високо свесни, целосно да ги разберете околностите во кои се наоѓа Македонија и важноста за тоа дека сега во овие моменти сите ние немаме право на грешка, бидејќи грешната проценка, раситнувањето на обединетата сила на народот прескапо ќе ја чини земјата, но и дека кога најтешко ВМРО-ДПМНЕ секогаш било со народот, со Македонија, па дури потоа сме ги ставале партиските интереси во фокусот.

ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и не го заборавајте моментот дека ВМРО-ДПМНЕ постои за Македонија. И мојата цел е да се обедини народот, на едната страна, ние обичните луѓе на нашата Македонија, на другата, осамени тие корумпираната елита од власта која мора да падне!

Не е нормално премиерот да нема комуникација со лидерот на најголемата политичка партија.

Не е здраво ниту за демократијата, ниту за заедничката иднина на сите граѓани да не смогне храброст да се соочи со мене, во очи, во очи за најважните прашања, па и да излаже дури и за тоа дека првиот состанок на кој ќе биде избран, на начин на којшто беше избран ќе бил со лидерот на опозицијата.

Затоа денес јавно и отворено предлагам до Ковачевски заедничка и јавна средба на која ќе разговараме и ќе договориме, датум за одржување на предвремени парламентарни избори како природно решение за состојбите во Македонија.

На тој состанок имам намера да предложам 4 тима, составени од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат составени од луѓе со искуство и луѓе кои се покажале и докажале во минатото во 4 акутни области во кои се детектирани клучните проблеми во нашата земја.

Четири тима кои ќе работат заедно со тимови од власта во меѓу периодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори. Про боно без никакви права и привилегии. Тука сме да и помогнеме кога на Македонија и е најтешко.

И тоа првиот тим  во делот на економијата ќе го предводат двата потпретседатела на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот пратеник и потпретседател Владо Мисајловски и потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска. Во тимот ќе бидат како предлог професорот Трајко Славески, членот на ИК Маја Кадиевска Војновиќ и поранешниот министер и вицепремиер на владата Зоран Ставрески.

Вториот тим е за надворешна политика и преговорите поврзани со нашиот источен сосед, ако има што уште да се преговара бидејќи според информациите кои што доаѓаат до нас веќе Ковачевски се аминувал, тука ги предлагам двајцата потпретседатели Александар Николоски и Тимчо Муцунски, потоа претседателот на собраниската комисија за надворешни работи, Антонијо Милошоски, амбасадорот Марјан Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска Давкова.

Третиот тим во делот на здравство каде што мислам дека е потребно огромна поддршка во овој меѓупериод за да им се помогне пред се на граѓаните да имаме хумана мисија, да нема партизација, да нема поларизација, и тука тој тим ќе го предводи вонреден професор, доктор Игор Николов, дел од тој тим ќе бидат и пратеникот доцент доктор Синиша Стојаноски, потоа членот на ИК доцент доктор Ристе Симеонов, потоа доктор специјалист Игорче Џиковски и примариус доктор Жаклина Шопова.

Четвртиот тим ќе биде тим кој што ќе им помогне во делот на образованието, него ќе го предводи професор доктор Весна Јаневска, а во тимот ќе бидат пратеничките Бети Стаменковска и Благица Ласовска. Исто така во тим ќе биде насловниот доцент Христина Серафимовска, како и членот на ИК на партијата магистер Марија Митева.

Ова нема да биде шведска маса, на која премиерот може да бира што му се допаѓа, а да одбива тоа што не му допаѓа. Туку пакет се за подобра иднина на Македонија. Дефинираме дата, а во меѓупериодот овие луѓе се тука, про боно, без привилегии да и помогнат на Владата, без партизација, без политизација, за да можат да се решат акутните проблеми во општеството и да ги ослободиме граѓаните од тензијата во која што живеат. А, потоа на предвремените парламентарни избори народот нека одлучи во каква држава сака да живее и каква иднина сака да има.

Не барам да брза, нека размисли, знам што ќе го советуваат веднаш треба да одбие, нека не одбива и нека размисли, нека преспие, нека се советува со повеќе луѓе и очекувам одговор во следниве десет дена, нека биде краен рок десетти мај, вторник. На таа средба да разговараме и за актуелните прашања поврзани со изборите, но и за она останато кое што е важно и кое што граѓаните го очекуваат од нас. 

Македонија е земја на слободни индивидуи, непрегор на татковците кои се бореа за нашата кауза, и наша света обврска таа борба да донесе иднина. Затоа доколку ја одбие и оваа порака, за средба за излез од националната катастрофа која живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори. Доколку биде одбиена средбата ќе се покаже дека државата има отсуство на било какво лидерство, а народот ќе мора да дојде по своето. Затоа што сето ова како што имаше почеток има и свој крај. И порака до меѓународните пријатели алармот одамна веќе свети на црвено.

Народот треба да биде спокоен, доаѓаат подобри времиња. Доаѓаат промени.

Да живее Македонија!

Атанасовски: Во Македонска Каменица до јуни ќе бидат реализирани 30 проекти од кои добар дел се капитални инвестиции

До крај на јуни во општина Македонска Каменица ќе бидат завршени околу 30 проекти, вели градоначалникот Димче Атанасовски при денешниот увид на градежни активности на реконструкција на пат во населено место Тодоровци, додавајќи дека добар дел од тие проекти ќе бидат капитални.

Во населено место Тодоровци ни останува уште само овој пат да го асфалтираме кој веќе е во завршна фаза и со тоа ќе биде решена комплетна патната инфраструктура, изјави Атанасовски.

Атанасовски истакна дека покрај патиштата во општината се работи на водоводи, и други инфраструктурни проекти како и очекуваниот проект за осветлување на кејот во Македонска Каменица.

– Ние во моментов работиме на повеќе проекти од кои планираме до крај на јуни да бидат завршени околу 30 од поголеми капитални ќе бидат завршени церски пат, Албанско маало, водовод во Павлиш и она на кое најмногу очекуваме и е во тек тендерската постапка за осветлување на кејот, кој ќе биде во вредност од 16 милиони денари, нагласи Атанасовски.

Милошоски: Општина Македонска Каменица е пример за добро испланирано работење и корисно инвестирање во проектите што се од општо добро

Денеска во општина Македонска Каменица задоволство ни е што градоначалникот заедно со советниците на општината и со неговиот тим гледаме дека работат на сериозни инфраструктурни проекти во интерес на граѓаните.

И би рекол дека има и видлива градежна офанзива. И работењето во општината Македонска Каменица може да биде и пример за едно добро испланирано работење и корисно трошење, инвестирање на општинскиот буџет во проектите што се од општо добро.

Но, исто така сакам да напоменам дека за помалите општини Владата сепак треба да има поголемо разбирање и ресорните министерства во одредени области да предвидат поголеми средства од Буџетот и блок дотации за да може да биде тоа во интерес на сите граѓани, без разлика на која политичка партија припаѓа градоначалникот. Тоа би било нашиот апел кон Владата на Македонија.

Митева: ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува барањата на наставниците, Владата итно да изнајде решение

Во целост ја поддржуваме истрајноста на СОНК и во целост ја разбираме секоја одлука која тие ќе донесат, а е во насока на унапредување на статусот на образовниот кадар. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува легитимните барања на наставниците и просветниот кадар.

Власта залудно ги користи механизмите на уцени и притисоци, штрајкот на СОНК беше најавуван два месеци пред да се случи. Владата доколку вистински сакаше да најде решение за барањата на просветниот кадар тоа можеше да го направи уште пред почетокот на штрајкот. Така немаше да има прекин во образовниот процес и немаше да биде на штета на децата. Доколку владата навистина сакаше образованието да биде организиран и постојан процес на унапредување, немаше да го претвори во ресор на експерименти. Машинеријата на СДСМ и ДУИ ги активираше сите можни ресурси во обид да го прекинат штрајкот. Изјавите на поединци од Владата се во спротивност со законите во Македонија. Имено, Владата треба да биде свесна дека штрајкот е уставно право на работниците. Министерот Шаќири и Владата во овој момент продолжуваат да бидат најголемиот прекршувач на правата на работниците и наместо да упатуваат закани кон наставниот кадар, треба да упатат решение и да ги поддржат нивните барања. Во овој случај, не станува збор за барање за зголемување на правата, туку правата на наставниците се тотално прекршени!

И конечно, наставниот кадар праќа силна порака дека и тие се најзначајниот чинител во општеството.

Наставниците се истрајни и обидите на Владата за кршење на штрајкот не успеваат. И доколку се сериозни во изјавите дека наставата е приоритет како што тврдат тогаш итно треба да ги прифатат барањата на наставниците. Состојбата е итна и неодложна, наместо притисоци и закани, покачете ги платите на наставниците и ставете крај на прекинот на наставата.

Николоски: Македонија да добие датум за преговори со ЕУ затоа што тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија

Оваа недела во Стразбур се одржува редовна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Ќе се разговара на многу важни теми, вклучувајќи ја и агресијата која што во моментов се случува во Украина и потребата на обезбедување на мир во Европа. Исто така ќе се разговара и на теми кои се важни за Македонија и за нашето соседство. Во бројните средби коишто ќе ги имам во овие три дена, ќе побарам Македонија конечно да добие датум за почеток на преговори со ЕУ и да ги почне преговорите со ЕУ, затоа што тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија, изјави за медиумите Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој во рамките на своите средби и обраќања ќе ја повика Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, тука од Стразбур кои не ги спроведува.

– Бројни пресуди кои се во корист на Македонците од Бугарија не се спроведуваат од страна на Бугарија. Едни од најзначајните кои што судот ги донесе во 2020 година е пресудата за формирање на клуб за етничка толеранција, како и пресудата за формирање на клуб за жртвите кои беа тероризирани од комунистичкиот режим. Тоа се две значајни пресуди кои зборуваат за етничката толеранција во Бугарија, но исто така и за потребата од рехабилитација на жртвите на комунистичкиот терор во Бугарија. Нешто што Бугарија не сака да го спроведе, затоа што политиката која што ја води е слична на онаа политика која што ја води изминативе 20 години, а тоа е политика на негирање и политика која што значи непочитување на одлуките на Советот на Европа. Затоа силно ќе побарам преку механизмите на Советот на Европа овие пресуди да се реализираат, посочи Николоски.

Тој додаде дека уште една работа за која што ќе зборуваат е мешањето на премиерот Петков во внатрешните работи на Македонија.

– Имено, со неговата последна изјава во која што кажува каква Влада тој би сакал во Македонија и дали би дозволил или не би дозволил да се формира Влада во Македонија директно се меша во внатрешните работи на Македонија, што е недозволиво. Затоа што изборот на Влада во Македонија е прашање на Собранието и на пратениците кои што се избрани на избори, а не на Кирил Петков. Новата Влада ќе биде формирана после предвремените парламентарни избори и секое мешање од страна на Бугарија е недозволиво и претставува мешање директно во внатрешните работи на Македонија, дециден е Николоски.

Пандов: Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт „Гоце Делчев“ донесоа Декларација за правда и слобода за политичките осуденици во Македонија

Ви благодарам пред се на сите што дојдовте, ова е заедничка Декларација на Унија на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“.

Значи тргнувајќи од одредбите на Уставот на Република Македонија за сувереноста на државата и суверенитетот кој произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, потенцирајќи ги темелните вредности на уставниот поредок на Македонија како основните слободи и права на граѓаните, владеење на правото и еднаквоста на граѓаните, посочувајќи ја Уставната преамбула и историските одлуки со кои граѓаните на Република Македонија ја конституираа Република Македонија како држава во која се воспостави и зацврсти владеењето на правото и ќе се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ донесоа Декларација за правда и слобода за политичките осуденици во Македонија.

Констатирајќи ги дека јавно познатите политички обвиненија и лажни сведочења за настаните од 27-ми април 2017-та година на кои се темелат драконски и неправедни судски пресуди изјавуваме дека борбата за правда и слобода за неправедно осудените ќе продолжи се до исправање на нанесените неправди.

1. Физичкото насилство извршено од неорганизирани поединци го осудуваме, но не на „тероризам“, бидејќи таков објективно и фактички немаше – за разлика од судско обвинителскиот терор со злоупотреба на моќ и монтирани процеси, кој е очигледно за секој чесен и објективен граѓанин на Македонија.

2. Осудените во овие политички процеси се жигосани без докази за делото за кое се осудени, со цел да се сее страв меѓу граѓаните и да се остваруваат политички цели, а не правда и правдина. Потсетуваме дека луѓето кои физички го овозможија влезот во Собранието на 27-ми април 2017-та година се на слобода истргувана на познат начин, а креаторите на пеколни планови се далеку од познати. 

3. Го потенцираме ставот на бројни и врвни независни еминентни правници во Македонија, но и надвор од неа на реномирани универзитети и државни институции во земјите на ЕУ и пошироко, кои на специфичен начин го коментирале правниот настан и дури и носеле одлуки во врска со истиот, квалификувајќи го како политички, а не како правен процес. Истовремено и најголемите светски демократии во слични и полоши околности од оние на 27 април 2017 во Македонија не настапувале со политички конструкти како „тероризам“, туку својот суд го мереле единствено на фактичките докази и на фер и темелна неселективна судска постапка.

4. Ги повикуваме последните инстанции во Македонија кои може да донесат правична одлука, да го следат правото и да ги поништат осудителните одлуки на судовите во прв и втор степен, базирани на политички обвинителен акт и врз лажни искази и сведочења, без никакви суштински и вистински докази за непостоечкиот тероризам.

5. Декларацијата ќе се достави до Претседателот на Република Македонија, Претседателот на Владата на Република Македонија, Претседателот на Собранието на Република Македонија и претставници на меѓународната заедница.                        

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Настаните на 27 април пред и по отворањето на вратите на Собранието го променија текот по кој се движи македонската држава. Применувањето на политичка сила и судско-обвинителскиот терор преку еклатантни монтирани процеси, подигрување со правото и уништување на човечки судбини, потпомогнато од хајките на медиумските лакеи кои „произведуваа и бркаа вештерки“, оставија трајна дамка врз организираноста на државата, многу поголема од физичкото насилство кое никој не го поддржува.

Општеството има потреба од помирување и објективно согледување на настаните. Македонија мора реално да расчисти со случувањата на 27 април 2017 за никогаш да не и се повторат. Истото е можно единствено преку спроведување на вистинска правда, а не политички нарачки кај обвинителите и судиите кои и слугуваат на власта, а не на граѓаните и интересите на државата. 

Оваа декларација има за цел да биде гласот на секој објективен и чесен граѓанин на Република Македонија кој не трпи неправди, ја сака својата држава и се бори секојдневно за почит на нејзиното минато, подобра сегашност и перспектива во иднината.

Да живее Македонија!

Ковачки: Изјавата на Петков потврдува дека Ковачевски ги прифатил сите бугарски барања да бидат дел од рамката за ЕУ

Ковачевски премолчува вградување на бугарските барања во преговорите за пристапување кон ЕУ, исто како што премолче и дозволи отворање на клубот Ванчо Михајлов во Битола.

Дури и Кирил Петков, е свесен дека бугарските барања се неприфатливи за македонскиот народ, па применува тактика на нивно разложување во периодот на преговори за влез на земјата во ЕУ, со што бугарските услови покасно ќе мора да бидат исполнети на нашиот пат кон ЕУ.

Имено, Петков изјави – Не може да се очекува сите барања на Бугарија да бидат исполнети сега, пред почетокот на преговорите.

– Најглупавото нешто што можеме сега да го направиме е против бугарскиот интерес и ќе се сопнеме. Да бараме сè што сме сакале да се случи, да се случи пред подигнување на ветото.

Со ова Петков јасно кажува дека и тој е свесен дека бугарските барања се максималистички, а со тоа и нереални и неприфатливи, но кажува и дека тој е на план истите да ги протурка со расцепкување, и нивно врзување  со процесот на преговори со ЕУ.

Во понатамошниот тек на изјавата тој додава: – Сега таму имаме нормална влада и таа е подготвена да ги преземе ангажманите со европски договор.

Со ова отворено кажува дека Ковачевски прифатил вклопување на бугарските барања во рамката на преговарање за влез во ЕУ.

На што е подготвен Ковачевски, и кои се тие бугарски барања кои и Бугарите знаат дека наеднаш нема да може да им поминат кај народот, па им е потребен Ковачевски да прифаќа периодично исполнување на нашиот пат кон ЕУ?

Аматеризмот, неспособноста и немањето на државнички капацитет на Ковачевски ќе ја однесат Македонија во амбис, и ќе го врзат нашето членство во ЕУ со исполнување на сите бугарски барања.

Доколку се прифати врзување на преговорите со исполнување на бугарските барања, тогаш Ковачевски трајно ќе ја осуди државата на неуспех или на побугарчување.

Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека се потребни писмени гаранции за македонскиот идентитет, јазик и историја. Во спротивно аматеризмот и неспособноста на Ковачевски ќе значат катастрофа за националните интереси.

Митева: Владата да запре со притисоците кон СОНК и во целост да ги исполни нивните барања

Продолжуваат притисоците од Владата кон образовниот кадар. Продолжуваат срамните манипулации од СДСМ дека тие инвестирале во образовниот процес. Токму експериментите на СДСМ го урнаа образовниот процес и го нарушија угледот на просветните работници. Во овој момент додека СДСМ вели дека го штити достоинството на образованието Владата пак преводена од СДСМ спроведува најбрутални закани и притисоци кон оние што го користат правото на штрајк. Дополнително, на површина излегува сета политизираност и партизација на Сојузот на синдикати. Димовски како синдикален лидер, за каков што се претставува, застана во одбрана на Владата наместо да ги штити правата на работниците.

Уцените, притисоците и заканите не и успеаја на власта да го скрши штрајкот на СОНК, па сега преку омилениот синдикалец Дарко Димовски измисли социјален дијалог преку кои се обидуваат да ги измамат наставниците, професорите и воспитувачките.

Владата на Ковачевски треба да ги прифати барањата на СОНК, а не да се обидува преку нивниот омилен синдикалец да прави квази договори.

Со почитување и усогласување на Колективниот договор платата за наставник приправник од 22.764 денари ќе порасне на 41.256 денари, или од 24.782 денари нето платата ќе изнесува 45.054 денари за наставник. Во средните училишта од сегашните 25.000 денари, платата со усогласување на Колективниот договор ќе изнесува 45.000 денари.

Ја повикуваме власта да им излезе во пресрет на барањата на просветните работници кои се во генерален штрајк повеќе од две недели и учениците да се вратат во школските клупи, а професорите и наставниците на нивните работни места.