Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ предлага закон за намалување на акцизата на нафта за 50%, и намалување ДДВ за храна и топлинска енергија од 5% на 0%

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија, денес до Собранието на Република Македонија ќе достави два исклучително битни предлог закони.

Со првиот предлог закон бараме намалување на акцизата за горивата за моторни возилата за 50% со што значително ќе се намали финансискиот товар врз граѓаните и транспортните компании. Со ова цената на бензинот веднаш ќе се намали за 13 денари, а цената на дизел горивото за 9,5 денари.

Со вториот предлог на закон бараме до 31 декември 2022 година данокот на додадена вредност за производите за човечка исхрана и за топлинската енергија т.е. парното да бидат со 0%. Дополнително, бараме и ДДВ за електричната енергија да биде 5% и во остатокот од 2022 година, а не само до 1 јули по што е предвидено покачување на ДДВ на 10%.

Почитувани,

Во текот на вчерашниот ден Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика т.е. Комисија за поскапувања најави ново зголемување на цената на горивата. Пред точно две години, на 2 март, цената на литар бензин изнесуваше 64 денари, а на литар дизел гориво 56 денари. Во овој момент без најавеното покачување цената на литар бензин изнесува 82,5 денари, а на литар дизел гориво 74 денари. Зголемувањата се огромни, надминуваат и 30%. Со оглед дека власта не размислува во интерес на граѓаните, ние како пратеничка група сметаме дека државата мора да се откаже од 50% од акцизата во овој критичен период во кој има нарушување на светскиот пазар на енергенсите. Владата размислува со мотото „сиромашните немаат пари за да возат“ и не сфаќаат дека повисоките цени на горивата ги засегаат сите безразлика на имотната состојба на граѓаните. Производите што се носат во маркетите се превезуваат со камиони кои возат на дизел гориво, меѓуградскиот превоз кој поскапе за 20тина проценти изминатиов период истотака вози на дизел гориво, а за жал власта е слепа и не превзема ништо. За потсетување, власта неколкупати досега ја зголемуваше акцизата и сеуште има предлог во собраниска процедура за зголемување на давачките за дополнителни 4 денари по литар гориво.

Почитувани,

Покрај намалувањето на акцизите, бараме и дополнително намалување на финансискиот товар на граѓаните преку целосно намалување на ДДВ за прехрамбени производи од 5% на 0%. Сведоци сме дека во изминатиов период цените на основните прехрамбени продукти драстично пораснаа, па така според последното соопштени на Државниот завод за статистика во јануари 2022 година наспроти истиот месец претходната година лебот поскапе за 10,6%, месото за 6,4%, млеко, сирење и јајаца за 7,2%, маслата за 26%, овошје за 11,3%, зеленчукот за 14,8% итн. Долга е листата на поскапувања.

Почитувани,

Власта мора да реагира брзо и да ги прифати предлозите на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за полесно да се соочиме со новиот бран на поскапувања поради актуелните случувања. На граѓаните и бизнис секторот не им се потребни видео клипови од Илинденска, туку реални мерки кои ќе го намалат финансискиот товар кој е се поголем.

Почнуваат преговорите меѓу Москва и Киев – двете делегации се сретнаа во Белорусија

Во Белорусија започнаа преговорите меѓу руската и украинската делегација.

Средбата на двете делегации се одржува во близина на реката Припјат на украинско-белоруската граница.

Според агенцијата UNIAN, во украинската делегација се лидерот на партијата Слуга на народот Давид Арахамија, министерот за одбрана Алексеј Резников, советникот на шефот на кабинетот на претседателот Михаил Подољак, шефот на украинската делегација во Трилатералната контакт група Андреј Костин. , пратеникот Рустем Умеров и заменик-министерот за надворешни работи Николај Точицки.

Се нагласува дека клучна тема на преговорите ќе биде итен прекин на огнот и повлекување на руските војници од територијата на Украина.

СКАНДАЛ: Директорка на ЈП од СДСМ распишала тендер за мала хидроцентрала среде избори, единствен понудувач и добитник е директорот на ТЕЦ Неготино од СДСМ

Денеска ќе отворам еден скандал, една афера, за тоа како се злоупотребувани позиции од истакнати функционери од СДСМ од Неготино, за вонправно да се стекнат со имотноправна корист! И тоа спротивно на Изборниот Законик и со злоупотреби во делот на јавните набавки.

Директорот на ТЕЦ Неготино и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ од Неготино, преку неговата семејна фирма ХЕМ Алијанс чиј сопственик е неговиот татко, а управител неговата сопруга, во нетранспарентна постапка за јавна набавка, со низа пропусти и недоследности, успеал да добие тендер за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување Лукар, преку јавно приватно партнерство со ЈП Комуналец Неготино.

Тендер на ЈП Комуналец, чија што директорка е Марина Бојаџиева, бил распишан и објавен на првиот ден од изборната кампања за локалните избори 2021 година, односно на 27.09.2021 година, што е во спротивност со Изборниот Законик кој децидно вели дека за време на кампања забрането е објавување на тендери од страна на јавни институции.

Небојша Стојановиќ, користејќи го моментот кога целото внимание на јавноста е насочено кон изборите, од позиција на директор на ТЕЦ Неготино и висок функционер на СДСМ, веројатно се потпрел на своето партиско и политичко влијание за објавување на тендер во своја полза. И на тој тендер е и единствен понудувач!

Директорката на ЈП Комуналец од Неготино Марина Бојаџиева, иако била пристигната само една понуда на овој тендер, не го искористила своето законско право да го поништи тендерот. Среќниот добитник за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување Лукар е директорот на ТЕЦ Неготино и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ.

Институциите почитувани мора да реагираат, а директорката на ЈП Комуналец од Неготино Марина Бојаџиева мора да одговори:

Зошто тендерот е објавен на првиот ден од предизборната кампања?

Дали за предметот на јавна набавка е изработен елаборат за животна средина како законска обврска?

Дали е спроведена јавна расправа и колку граѓаните биле запознаени со намерата за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување Лукар?

Дали формираната Комисија за евалуација на понудите ги исполнила законските критериуми?

Дали во годишниот план за јавни набавки на ЈП Комуналец била предвидена ваква крупна јавна набавка?

Почитувани,

Повеќе од очигледно е дека се работи за типична манипулација на СДСМ и користење на партиски и политички влијанија за лична корист.

Институциите мора да реагираат, во спротивно одобруваат незаконско работење, тендери и партиски злоупотреби за лични цели.

Почитувани,

Македонија со СДСМ нема иднина!

Се обрати украинската амбасадорка во Македонија: Ова лудило треба да запре, потребна ни е реална помош

Целиот свет е во шок од руското лудило. Рускиот режим е признат како најголема закана за безбедноста. Русија има една од најголемите армии во светот, а Украина најдобрата. Никој толку жестоко и посветено нема да војува како оние кои ја заштитуваат својата земја, истакна во видео пораката амбасадорката на Украина во Македонија, Наталија Задорожњук.

Посочи дека нивните војници не се предаваат, но реална помош им е потребна.

-Реална помош, со оружје, економска, финансиска. Ова лудило треба да се запре. Веќе втор ден се бомбардира Киев. Тие ја освоија нуклеарната централа Чернобил. Ние се држиме, но тешко е сами да опстопиме против нив. Секој треба да и помогне на Украина како што може, посочи Задорожњук.

Таа истакна денес Украинците во Македонија заедно со македонскиот народ ќе одржат мирен протест со почеток во 14:30 часот на Плоштад Македонија.

За ВМРО-ДПМНЕ територијалниот суверенитет,интегритет и независност на Украина се фундаментално важни

Уште еднаш го повторуваме ставот дека, за ВМРО-ДПМНЕ, почитувањето на нормите на меѓународното право чиј носечки дел се територијалниот суверенитет, интегритет и независност на Украина се фундаментално важни

Ивановски: Осма година автопатот Кичево – Охрид се уште незавршен, пробиени се сите рокови, а СДСМ ја зголеми неговата цена за 150 милиони евра

На денешен пред 8 години, во 2014та, кај селото Извор, Кичевско,  започнува изградбата на автопатот Кичево до Охрид. Автопат долг 57км со вредност од 375 милиони евра во тоа време. Рокот на изградба на овие градежни работи беше 4 години и денеска означуваме 8 години од почетокот на изградбата на овој автопат. Повторувам 8 години.

Во тоа време СДСМ не беше на власт и  градежните работи се одвиваат со добра и очекувана динамика.

Но, за жал 2017та доаѓаат СДСМ на власт.
 
Нивното доаѓање за овој автопат ќе значи и негово стопирање во изградбата.

Ќе напоменам само неколку изговори кои последниве 5 години секојдневно ги кажуваат како оправдување зашто скоро и да не работат на изградбата на овој автопат.

1.Лажно тврдеа дека крива е трасата, демек автопатот од Кичево наместо спрема Охрид завршувал кон некое друго место. Нивниот министер за транспорт и врски при едно ТВ излагање несреќно призна и изјави дека ова тврдење е невистинито и дека трасата е на право место и оваа нивна лага падна во вода и веќе не ја повторија.

2.Второ изговори и лаги се дека проектот за изградбата на овој автопат не бил соодветен и дека морало да се допроектира за да може да се гради. Тоа допроектирање трае неверојатни 5 години е нешто на кое сите лица со минимално познавање на градежништвото се смеат и го сметаат како крајно несериозно. Доколку за некоја позиција имало потреба од допроектирање, можеме да се согласиме дека за тоа им биле доволни 6 месеци или година дена, меѓутоа за допроектирање од цели 5 години не го прифаќаме во ниеден случај.


3.Потоа роковите за завршување на изградба на автопатот сами си ги задаваат и сами си ги прекршуваат. Првичниот рок кој што го зададоа беше 30 јуни 2020 година и нормално тој рок го прекршија, си зададоа нов рок кој што сега изнесува декември 2023 година, и со тоа ќе означиме 10 години за изградба на автопат кој што се уште не е готов. Но, од досега приложеното и нивното неработење можеме со сигурност да тврдиме дека и овој рок нема да е исполнет.

4.Чинењето на овој автопат од првични 375 милиони евра денеска стига скоро 600 милиони евра, во 2018 беше потпишан анекс од нови 187 милиони евра. Притоа тогашниот министер за транспорт и врски Сугаревски и Зоран Заев изјавија дека со овој анекс ние штедиме, државата штеди. Се прашуваме како може да штедиме при потпишување на нов анекс од скоро 200 милиони евра. Како може повеќе пари да бидат заштеда за нашиот буџет. Таа нелогичност и ден денеска од СДСМ не ја објаснија.

5.Самото пролонгирање на овој автопат, самото завршување на изведбата во превод значи нови трошоци. Ова лето се потпиша дополнителен договор за надзор на овој автопат во вредност 508 милиони денари, или нешто над 8 милиони евра. Наместо овие пари да завршат за проекти од интерес на граѓаните ќе бидат потрошени за надзор. Доколку овој автопатот бил изграден на време тој немало потреба за овој трошок, за кој ќе дадам и личен коментар дека оваа сума е далеку над пазарната вредност.

Наместо како држава преку изградба на државната инфраструктура да го јакнеме туристичкиот капацитет на Охрид, Струга и регионот СДСМ потпишува само анекси за пролонгирање на рокови и зголемување на вредноста на чинењето на автопатот.

Вакво неработење и неспособност во изградбата на инфраструктурата досега е незапамтено.

СДСМ нема капацитет да гради иднина за Македонија, СДСМ мора што поскоро да замине за подоброто на граѓаните на оваа држава, а потоа да гледаат и да учат од нас како преку работа и изградба на државната инфраструктура се сака својата држава.

Ковачки: Ковачевски да прифати гаранции за јазикот и историјата

Во преговорите со Бугарија, не смее да биде оспорена македонската национална посебност, ниту пак засебноста на македонскиот јазик.

Имаме информации дека дејствијата на Ковачевски во процесот на преговори се многу подлабоки од менување на Уставот, и внесување на Бугарите во Преамбулата. За оваа наша теза говори и фактот што се случи, а тоа е премиер кој води преговори да одбие национално единство и подадена рака за преговори. Се случи да одбие неспорна Декларација за Гоце Делчев, како и понуда да се разговара за секое отворено прашање.

Сето ова отвора сомнеж дека во прашање е многу повеќе од Уставот, а тоа е национално осакатување преку задирање во јазикот, историјата, па дури и со решение да не блокираат на европскиот пат. Затоа бараме писмени гаранции кон кои ќе се обврзе Бугарија, а зад чие барање ќе застане Ковачевски.

Ковачевски мора да знае дека привремената заслепеност од функцијата е минлива, и дека не смее да има пазарење на сметка на македонските национални интереси. И тоа треба да му го каже и на неговиот министер Бујар Османи.

Дополнително Ковачевски треба да побара гаранции и од Брисел, дека нема да има повеќе кочење на патот кон ЕУ, и безброј нови барања од Бугарија.

Како држава, премногу долго сме блокирани поради ирационални спорови кои немаат никаква врска со европските вредности, и премногу долго се молчи за апсурдите поради кои е блокирана Македонија на патот кон ЕУ.

Македонија мора да добие писмени гаранции дека никој веќе нема да ја блокира само заради тоа што не сакаме да правиме ревизии на историските вистини коишто се потврдени од антифашистичката коалиција во Втората Светска Војна.

Никој нема право да ни го оспорува членството во ЕУ и никој нема право да го блокира просперитетот на нацијата.

Овој народ одамна заслужи да ги отпочне преговорите со ЕУ, без никакви дополнителни толкувања и условувања.

Трајкоска Стаменкоска: СДСМ не сака зголемување на платите на просветните работници, туку само груба партизација на образованието

На лицемерието во СДСМ му нема крај.

СДСМ не сака зголемување на платите на просветните работници, туку само груба партизација на образованието.

Насилничкото и шверцерското носење на законот со кој се предвидува укинување на механизмите за контрола на квалитетот во образованието е доказ дека СДСМ планира вработувања на наставници и професори на неопределено без положен приправнички испит односно вработувања според партиската припадност.

Токму ова е причината поради која што СДСМ и нејзините пратеници подолго време креираат тензии и самоволие овде во Собранието и упорно, по секоја цена го туркаат законот кој ќе значи вдомување на партиските кадри на СДСМ, наместо искрена грижа за просветните работници.

Фатени во лагата и намерата за партизација на образованието, пратениците од владејачкото мнозинство стануваат се’ понервозни и поупорни во бранењето на овој штетен закон. Едноставно бранат нешто што не може да се одбрани. Кристално јасно е дека со овој закон платите на просветните работници нема да се зголемат. Тоа го знаат тие, но и целата македонска јавност.

За заштита на правата на сите вработени и просветните работници, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесовме амандман со што се предвидуваше износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата. Ова е вистинското решение кое ќе значи вистинско зголемување на платите. Ова е решение на проблемот на просветните работници.

Доколку на СДСМ и нејзините пратеници им беше грижа за просветните работници и сакаа зголемување на платите, без размислување ќе го прифатеа амандманот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со кој што ќе имаше скалесто покачување на платите и основната вредност на најнискиот коефициент и бод ќе се изедначеше со износот на минималната плата. Прифаќајки го нашиот амандман, СДСМ на дело ќе покажеше дека нема задни намери и дека работи за доброто на просветните работници. Но, како и секогаш, пратениците од СДСМ одлучија слепо да ја штитат партиската агенда и жестоко да го бранат овој штетен закон за просветните работници.

Сепак од оваа говорница, ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата јасно и гласно упатуваме порака до владејачкото мнозинство дека нема да дозволиме носење на овој штетен и шверцерски закон со кој уште повеќе се уништува и онака веќе уништениот образовнен процес во Република Македонија.

Мицевски: Поднесовме барање до Џафери за свикување на седница на Комисија за прашања и избори и именувања и веднаш да се изберат уставни судии

Денес, како пратеници од повеќе политички партии во Собранието на Република Македонија започнуваме постапка и поднесуваме барање до претседателот на Собранието за свикување на седница на Комисијата за прашања и изборите и именувањата.

Имено, врз основа на член 120 став (2) од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, ние како пратеници бараме да се закаже второто продолжение на 13-тата седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Ова барање го поднесуваме со потписи на седум од вкупно 13 членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Оваа наша иницијатива за закажување на седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја поднесуваме до претседателот на Собранието на Република Македонија поради тоа што досегашниот претседател на Комисијата беше избран за Градоначалник на локалните избори во октомври 2021 година и оттогаш работата на оваа Комисија е закочена.

Бидејќи владејачкото мнозинство постојано ја обвинува опозицијата за блокада на работата на Собранието, а од друга страна повеќе месеци не назначува нов претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ние согласно членот 120 став 2 од Деловникот, ја превземаме оваа иницијатива со цел откочување и продолжување со работа на оваа Комисија. Ова е шансата на власта да покаже дали има искрена намера за откочување на работата на оваа Комисија или само напразно ја обвинува опозицијата.

Како одговорни пратеници, водејќи се од итноста, потребата и барањето од Уставниот суд на Република Македонија, ние предлагаме да се свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата веднаш и уште во текот на утрешниот ден да се одржи седницата и да се изберат уставните судии на Уставниот суд на Република Македонија.

Нашата цел е ефикасност и подобрување на правосудниот систем во целост, и токму затоа бараме и ги повикуваме колегите пратеници од мнозинството да го поддржат ова наше барање и час поскоро да се одржи оваа седница и конечно по повеќемесечно чекање да се изберат уставните судии.