Шилегов во 2018 година вети дека Златно Славејче ќе го слави 50тиот јубилеј во Универзална, а сега сака да ја руши

Петре Шилегов и СДСМ ги излажаа скопјани, но и сите кои на било кој начин се поврзани со Универзална сала.

Пред изборите во 2017 година ветуваа дека ќе ја реновираат Универзална сала, во 2018 година Шилегов дури излезе со ветување до Златните славејчиња дека за 2 години истата ќе ја реновира, а тие ќе го прослават својот 50 годишен јубилеј во реновирана сала.

И излажа!

Да слушнеме што ветуваше Шилегов.

Толку од ветувањето на Шилегов до Златните славејчиња.

Зборот на Шилегов очигледно не вреди ништо!

Шилегов три дена молчи, дали ја руши Универзална сала и на тоа место сака да направи парк, за само да ја исполни квотата за зеленило кое треба да го има во градската четврт 3 11 за да може во кругот на поранешната фабрика „Треска“ да никнат над 50 згради.

Дали Шилегов е дел од бизнисот од кој само профитот би изнесувал до 50 милиони евра?! Дали ова е причината тој да си го погази своето предизборно ветување за Универзална сала – симбол на скопјани и споменот на многу скопјани да завршат како урнатина?!

Зошто господине Шилегов ги излажавте скопјани и зошто свесно си игравте со нивните чувства и спомени само за да дојдете на власт, а откако седнавте во градоначалничката фотелја ништо суштинско не направивте. А Универзална скапува како руина, затоа што три години ништо не направите.

Го тргнавте настрана планот на ВМРО-ДПМНЕ за нејзина реконструкција, а никој не знае каде завршија 30 милиони денари кои ги добивте од владата за нејзина реконструкција минатата година.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ останеше на власт на локално ниво во град Скопје, Универзална сала до сега ќе беше реновирана.

Да го погледнеме идејното решение за Универзална сала, кое сега ќе беше реалност.

Наместо нова реновирана сала, ние сега имаме руинирана сала која не работи и која со години е оставена на забот на времето.

Господине Шилегов наместо да уништувате и рушите, соберете храброст и надминете ги политичките и бизнис интереси и реконструирајте ја Универзална сала, не мора ни да трошите пари за идејно решение, тоа веќе го имате во фиока, само треба да го реализирате.

Покажете барем малку доблест и грижа за Скопје и скопјани.

Со капацитетот на Владата на СДСМ и ова полугодие од школската година ќе помине неорганизирано и хаотично

Ниту Министерството за образование, ниту Комисијата за заразни болести не покажаа иницијатива и инвентивност за изнаоѓање на решение за отворање на училиштата и почеток на наставата. Со оглед на тоа дека временскиот рок за изготвување на квалитетен и успешен план е краток, како одговорна партија ги споделуваме со нив, Планот и Програмата за почетокот на наставата од 1-ви септември.

Предлагаме:

1.Часот во училиштата каде ќе се одвива физичка настава да трае 20 минути, притоа потенцираме – една паралелка во една училница! Часот треба да трае 20 минути за да се зачува работното време на наставниците кои ќе работат со групи по 15, наместо по 30 ученици. Доколку часот трае подолго, наставниците ќе имаат подолгo работно време oд 8 часа. Прекувремената работа на наставниците треба да биде со нивна согласност и бараме истата да им биде платена.

2.Со вака организираниот час од 20 минути училиштата може да рабoтат во 3 смени.

3.Слушаме сте го прифатиле нашиот предлог сите часови да бидат снимени и достапни на учениците во секое време. Но, не ги присилувајте наставниците сега, набрзина да ги снимаат часовите кога уште не знаат по каква Програма треба да работат.

Часовите треба да ги снимат во моментот кога ќе ја изведуваат наставата или ден пред тоа кога ќе се подготвуваат за час.

4.Наставниците треба да работат од училиште, не од дома. Еден наставник само во една училница да држи час.

5.На вака организираниот час може да присуствуваaт деца кои немаат соодветна опрема за да следат онлaјн настава, со сите превземени мерки за заштита. Тие сигурно нема да бидат пoвеќе од 15 во една паралелка.

6.За вака да работат наставниците, заедно со општините, обезбедете по еден компјутер во секоја училница и солидна интернет врска за часот непречено да се одвива.

7.За да можат наставниците да работат од училиште треба да ги отворите градинките. Инаку наставничките со деца помали од 10 години, ќе мора да работат од дома.

8.Ако недостасува персонал за организирање на дневниот престој, ангажирајте ги студентите од последните години на студии на наставничките факултети.

9. За практичната настава во средните стручни училишта организирајте ги учениците по пет во група во повеќе смени.

10.Одредете една или најмногу две унифицирани платформи за спроведување на онлајн настава и за истите организирајте обука.

За спроведување на сето ова, како и бројни други детали, времето е прекратко. Со капацитетот кој досега го покажа Владата на СДСМ и Комисијата за заразни болести, по се изгледа дека и ова полугодие од школската година ќе помине неорганизирано и хаотично.

Ако ова е премногу за оваа власт потсетуваме има кој знае и има кој може!

На месец до старт на учебната година, Владата на СДСМ без план за учениците

Остана уште еден месец до почетокот на новата учебна година. Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести допрва ќе разгледуваат мерки и план за отворање на училиштата, како досега да имаа исклучителни ангажмани, па ова мора да го решаваат во последен момент.  Всушност,  премногу е доцна за да може да се изготват квалитетни  планови и програми за реализација на наставата за  идната учебна година.

Деновиве на еден портал беше објавена  информација за нови ,,генијални“ предлози на Комисијата за заразни болести, впрочем  учениците една недела да одат на училиште физички, а една недела да следат настава онлајн.

Од тука произлегува дека во една недела ќе одат на училиште  сите ученици.

Прашуваме како тогаш ќе ги спроведат мерките од 15 ученици во паралелка, растојание на 1,5 метри и зошто на 1 недела? Нели карантинот трае 2 недели и нели секаде во светот медицинскиот персонал се ротира на 2 недели, затоа што, тоа е периодот на појава на симптомите?

Во корист на учениците, родителите и знаењето во нашата држава, најконструктивно им препорачуваме:

1. Во период од една недела до 10 дена пред почетокот на новата учебна година направете масовен скрининг на наставниците и мапирање на семејства со заболен од КОВИД 19. 

2. Бирото за развој на образование да изработи скратена, адаптирана програма. Ако е изработена информирајте ги наставниците. И воедно, обучете ги како да ја реализираат истата. Тие изготвуваат  годишни планирања и програми, ќе треба ли подоцна да ги менуваат?

3. Воведете комбинирана настава со најмалку два модула за физичка и онлајн настава

4. Мапирајте ковид негативни и ковид позитивни населени места и градови

5. Физичка настава во ковид негативните населени места и градови може да се одвива регуларно, а во ковид позитивните на онлајн. По потреба при појава на ковид во еден град или едно населено место, и тие ученици да продолжат онлајн.

6. Часовите треба да се одвиваат на принцип една паралелка во една училница, без движење во кабинети.

7. Мапирајте ученици без информациска и комуникациска технологија за следење на онлајн настава, особено во местата каде короната е во раст.  Наместо ваучери за летување можевте да им понудите ваучери за потребни ресурси за следење на наставата.

8. Набавете средства за хигиена, проверете ги санитарните јазли. Дали ќе набавите средства за хигиена, средства за дезинфекција, средства за  заштита на учениците и вработените до први септември се’ уште е непознато.

9. И секако, активирајте ги своите градоначалници, тие  имаат ингеренции.

На месец дена пред почеток на новата учебна година недостасуваат одговори,  за времетраењето на часот, следењето на настава на учениците без технолошки средства, за спроведување на практичната настава во средните училишта, средните стручни училишта особено, и бројни други мерки и образложение на истите. Ако вие не знаете има кој знае.

Шилегов лаже за Универзална! Доколку уште не одлучил да руши, зошто троши 11 илјади евра за идејно решение на парк?!

„ Овој објект ќе остане како траен симбол на меѓународната човечка солидарност во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година”, ова е дел од натписот кој стои на влезот на Универзалната сала, објект кој требаше да биде безвременски, но Петре Шилегов реши да го руши за бизнис интереси на поединци.
Почитувани, ова е извадок од веб страната на Бирото за Јавни Набавки. Овде се гледа дека градот распишал повик за идејно решение за уредување на просторот на местото каде е што сега салата, со парк и летна сцена. За оваа намена Шилегов планира да даде 6000 евра за најдоброто решение, 3000 евра за второ рангираното и 2000 евра за трето рангираното, со што вкупно ќе се потрошат 11000 евра од градската каса. Доколку како што и самиот вели сеуште не одлучил дали ќе ја руши салата, тогаш зошто градот однапред троши 11000 евра? Очигледно во градската каса има премногу пари па Шилегов ги фрла за идејни решенија за кои постои голема можност на крајот тие да завршат во некоја фиока?!
Или пак 11.000 евра не се ништо кога станува збор за овозможување на бизнис интереси и потребата да никнат над 50 нови згради на местото на поранешната фабрика „Треска“?! А зошто на пример на местото на Треска не никне парк со убава летна сцена, а концертната сала да си остане на својата постоечка локација?!?
Кога сме кај парите врзани за Универзална сала, Шилегов треба да одговори и каде се 30 милиони денари, кои во 2019та градот Скопје ги доби од владата за реконструкција на салата. Дали и на што се потрошени тие наменски префрлени пари?
Шилегов и СДСМ немаат основа за правдање. СДСМ и Шилегов се три години на власт во Република Македонија и во град Скопје. Самиот чин што до сега не делувале и не преземале никаква активност за Универзална сала е доказ дека години наназад ги лажат скопјани!

Шилегов не смее повеќе да ги манипулира граѓаните и треба веднаш да се откаже од идејата за рушење и да отпочне со реконструкција. Во таа насока предлагаме да се искористи проектот за реконструкција на салата оставен од ВМРО-ДПМНЕ, а со кој ќе се постигнат следниве цели:
– Ќе се подржи мислењето на граѓаните за реконструкција, а не за рушење;
– Ќе се заштедат средства за нови конкурси и идејни решенија;
– Ќе се сочува споменот на хуманост и солидарност на постземјотресно Скопје.
Градоначалник Шилегов, надминете ја сопствената суета и послушајте ги граѓаните! Надминете го личниот порив за деструкција и вдахнете живот во веќе постоечкиот објектот. Ќе се изненадите колкава радост носи чинот на создавање и градење !

Граѓаните ќе плаќаат поскапа струја од септември, затоа што Заеви ги испразниле касите на ЕЛЕМ и МЕПСО

Поради неодговорните и неспособни политики на СДСМ, но и криминалните тендери во РЕК Битола, преку кои милиони завршија на сметки на приватни фирми, од септември следува поскапување на цената на струјата.

СДСМ го изманипулира народот во предизборието и неколкукратно ги одложуваше одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, за истата да донесе одлука по изборите, дека од септември ќе следува зголемување на цената на струјата.  

Ваквото покачување е резултат на загубите на ЕЛЕМ и МЕПСО. Што пак од друга страна е показател на нестручниот и недомаќински начин на управување со овие државни претпријатија.

Кога ВМРО-ДПМНЕ ја предаде власта на СДСМ, АД ЕЛЕМ имаше депозит од 1.5 милијарди денари, за сега да зборуваат дека се во загуба и дека поради тоа граѓаните треба да плаќаат поскапа струја. Срамота!

Не само што не го зачуваа тоа што им беше оставено, туку и книжат загуби, кои од септември ќе треба да ги плаќаат граѓаните.

Почитувани, 

Граѓаните не се должни да плаќаат поскапа струја за Зоран и Вице Заев да можат да делат тендери во РЕК Битола и да вработуваат партиски војници во АД ЕЛЕМ и МЕПСО, каде само пред избори вдомија над илјада лица блиски до нив.

Апелираме да запре недомаќинскиот однос на СДСМ со државните претпријатија и имотот на граѓаните на Република Македонија. 

Регулаторната комисија за енергетика пред да пристапи кон покачување на цената на струјата треба да знае дека граѓаните се најмногу погодени од корона кризата.

И затоа, пред да одлучат за покачување на цената на струјата, што треба да го полни буџетот на ЕЛЕМ и МЕПСО, за повторно да има пари за матни тендери, потребно ќе биде да направат добра анализа за работењето на менаџерските раководни тимови на сите енергетски компании. На тој начин, наместо да бараат од народот да го надомести она што компаниите не успеаа да го заштедат во време на корона криза, треба само правилно да ги анализираат трошоците на сите енергетски компании, а не безрезервно да им ги оправдуваат.

Наместо Регулаторот да ги оправдува трошоците на компаниите, потребно е да им наложи на нивните раководни структури да направат подлабоки резови и оптимализација на  работењето во услови на ваква криза.

Ја руши ли Шилегов Универзална за да ја исполни квотата на зеленило за 50 нови згради кај Треска?!

Градоначалникот Петре Шилегов се обидува со  еден потпис да ја сруши Универзална сала која е симбол на Скопје повеќе од 50 години. Универзална сала, во која се изведени повеќе од стотици концерти, театарски претстави, детски фестивали, разни културни настани. Концертната сала во која се промовирале безброј домашни уметници и започнале многу блескави кариери.

Салата која е симбол на солидарноста и хуманоста, спомен на илјадници Скопјани, градоначалникот Петре Шилегов сака да ја претвори во градежен шут.

Почитувани, иако Шилегов и СДСМ со години играа на емоциите за старо Скопје, тие всушност брутално ги излажаа граѓаните и сега постапуваат спротивно од предизборните ветувања.

Иако ветија дека Универзална Сала повторно ќе блесне во полн сјај, дека ќе градат нова или ќе ја реновираат и реконструираат постоечката, сега по три години натегање со Министерството за култура и со Владата, повеќе од очигледно е дека се било само дефокус од нивната вистинска намера. Градоначалникот на Скопје има намера Универзална Сала да ја замени со монтажна сцена и парк во кој веројатно  ќе насади трева од половина милион евра.

Шилегов ја излажа јавноста и дека предлог решението за парк го добил од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а ја излажал и самата Асоцијација кажувајќи дека Универзална Сала ќе ја руши затоа што нема пари да ја реновира и реконструира поестоечката. Лага! Петре не пропушта можност, а да не спомене дека градската каса е полна. Очигледно е дека градскиот татко се  расфрла со пари за се и сешто, а симболот на Скопје, храмот на културниот живот на Скопјани децении наназад, за него и неговата партија нема никакво значење.

Градоначалникот треба да и одговори на јавноста дали зад рушењето на Универзална Сала се кријат и некои бизнис интереси?

Имено, локацијата на салата е во истата градска четврт во која се наоѓа и кругот на поранешната фабрика Треска, каде со измена на градежниот урбанистички план) се планира да се изградат 50 нови згради. За да може стамбениот комплекс да се реализира ќе треба да биде застапен и соодветен процент на зеленило, па можеби ете процентот ќе биде исполнет со паркот на местото на концертната сала!?

Дали Универзална Сала станува жртва на бизнис интересите на градската и извршната власт?!

Почитувани,

Шилегов ја донел оваа срамна одлука  без притоа да ги консултира Скопјани. Брутално и насилнички.

Господине Градоначалник, Скопјани не се согласуваат и апелираат да ја повлечете одлуката за уривањето на Универзална Сала. Наместо уривање, Скопје и Скопјани заслужуваат грижа и работа, проекти и капитални инвестиции преку кои Градот Убав ќе се развива како европска метропола.