Аква пилатес новитет во СЦ „Борис Трајковски“

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ од денес за своите посетители воведува Аква пилатес. Во текот на летниот период секој вторник и четврток со почеток во 19:30 се до крајот на летото аква пилатес ќе може да се вежба во Вип Аква паркот во СЦ „Борис Трајковски“, додека во текот на зимскиот период тренинзите ќе се одржуваат во Вип Базенот во центарот. Аква пилатесот ќе биде достапен за сите граѓани кои имаат навршено 18 години. Како дисциплина се препорачува за спортистите и зајакнувањето на нивната подготвеност, за лицата кои имаат потреба од рехабилитација од било каков вид, но и за сите оние кои сакаат да се во одлична форма и физичка сила. Вежбите се изведуваат на подлоги кои стојат на површината на водата. Часовите ќе бидат изведувани од лиценцираниот фитнес инструктор Ивица Митов.

 

Вајгл: Мора да продолжат демократските процеси и да се одржат избори

Известувачот за Република Македонија од Европскиот парламент, Иво Вајгл, денеска по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во изјава за МИА посочи дека во Македонија мора да се продолжи со демократските процеси и да се исполни главната цел, а тоа е одржување парламентарни избори. Вајгл ја поздрави одлуката на Груевски да престојува во дводневна работна посета на Брисел и посочи дека е добро сите во ЕУ да се запознаат со случувањата во Македонија, но порача дека сите проблеми, земјата треба да ги решава сама, а не да чека интервенција однадвор. – Мислам дека е многу важно да се одржи дијалогот меѓу нас како Европски парламент и политичарите од Македонија, без разлика на тоа каква функција тие имаат во моментот. Јас ја ценам иницијативата на господинот Груевски да дојде тука со неговите соработници. Имавме добра размена на мислења и јас мислам дека од двете страни има потреба да се продолжи со демократските процеси во насока на избори, што треба да биде главна цел и мислам дека македонские политичари мора да одлучат да ја превземат судбината на својата земја во свои раце и не да се потпираат на посредници и интервенција од надвор. Словенечкиот европратеник додаде дека дека најголемата одговорност за решавање на политичката криза во земјата е кај македонските политичари, но посочи и дека ЕУ треба да го цени и оценува она што севкупно го остварила Македонија досега, што според него е во голем дел исполнување на европското законодавство.

Груевски по средбата со Хан: На сите им одговара елиминирање на надворешните и внатрешните ризици

Претседателот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска ја продолжи дводневната работна посета на Брисел, каде утринава оствари голем број средби со високи претставници на Европската унија од кои најважна е онаа во Европската комисија со комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан. Соговорниците имале отворен разговор во кој според Груевски ги допреле сите теми што ја засегаат Република Македонија. Во изјава за МИА, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека заедничка констатација на него и Хан, но и во разговорите со другите денешни соговорници е дека на Македонија и е потребно елиминирање на надворешните и внатрешните ризици: Денес тој оствари неколку значајни средби. Груевски и во текот на вчерашниот ден имаше набиена агенда на средби со политичари и дипломати во Брисел со цел, како што самиот рече, да се санираат штетите што според Груевски ги предизвикала опозициската СДСМ со создавањето на политичката криза во Република Македонија.

Отворена градинката „Ѓурѓица“ во Пинтија

Општина Кисела Вода денеска слави 61 година од основањето, а како низата настани кои го одбележуваат овој датум, е и отворањето на новата градинка „Ѓурѓица“ во населба Пинтија.На отворањето на градинката присуствуваше премиерот Емил Димитриев, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ.Станува збор за целосно нов објект кој што има јасли за деца до 2 години, како и три занимални за деца од 2-6 години. Објектот е на површина од 420 м2 и има капацитет за 80-100 деца, а инвестицијата е на општина Кисела Вода со поддршка на Министерството за труд и социјалана политика во делот на ентериерното уредување.Објектот е изграден за само една година и станува збор за една од најубавите детски градинки во Македонија.Во изминативе неколку години се изградени 49 детски, а трендот за градење на нови сместувачки капацитети за најмладите ќе продолжи и во иднина се со цел да се задоволат потребите.

ВМРО-ДПМНЕ обединува луѓе од различни етникуми и верски заедници

Владејачката партија ги обединува граѓаните на Република Македонија од сите верски заедници и етникуми. Ифтар вечерите се доказ за тоа дека ВМРО-ДПМНЕ не е националистичка партија, како што тоа го велат од СДСМ, туку партија која обединува и сплотува без разлика на вера и определба. Изминативе денови високи функционери на владејачката партија организираат ифтар вечери во повеќе градови во Македонија. Во пријатна атмосфера, граѓаните сплотено вечераа во Кичево, Дебар и Струга. Жителите на овие населени места велат дека владејачката партија со ова покажува голема почит. Во Дебар граѓаните искажаа огромно задоволство. И Кичевчани се благодарни за ваквите организирани вечери од страна на ВМРО-ДПМНЕ. На ифтар вечерата во Струга, со верниците вечераше Цветко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ кому граѓаните му се заблагодарија што владејачката партија ја негува оваа традиција.Со ваквите чекори, ВМРО-ДПМНЕ обединува луѓе од различни етникуми и верски заедници и ифтар вечерите се доказ за тоа.

Националниот сојуз на слепи го поздрави проектот „Македонија вработува 2“

Преку владиниот проект „Македонија вработува 2“ до полесно вработување ќе можат да дојдат и најранливата категорија на граѓани, лицата со инвалидност. Од Националниот сојуз на слепи на Р. Македонија го поздравија овој проект и изразија надеж дека овој проект ќе им овозможи самостоен живот и егзистенција на стотици слепи лица од целата територија на Р. Македонија. Според овој проект работодавачот кој ќе вработи слепи и слабовиди лица ќе биде ослободен од плаќање на придонеси во времетраење од 5 години, односно 60 месеци. Потребно е лицата со инвалидност три месеци пред вработување со мерката да немале заснован работен однос. Претседателот на Националниот сојуз на слепи на Р. Македонија, Жарко Селковски денеска изрази благодарност до Владата и надлежните институции за воведувањето на проектот „ Македонија вработува 2“ во кој се опфатени токму слепите и слабовиди лица.