Чавков: Спасовски изврши сериозен упад и прекршување на законите на Македонија

Без никаква постапка и образложение, спротивно на законите, Спасовски демонстрираше политичко насилство врз професионалците во МВР и незаконски разреши петмина началници.Врз основа на член 48 став 3 од Законот за Влада, поднесов тужба до Управниот суд на Р. Македонија со предлог за времена мерка. Оливер Спасовски флагрантно ги прекрши законите за внатрешни работи и полиција, согласно кои се постапува во вакви случаи.Исто така во крајно незаконска и нетранспарентна постапка Оливер Спасовски именуваше нови началници, објави Чавков.

Потпишани 17 договори за финансирање иновативни проекти

Премиерот Никола Груевски денеска заедно со директорот на Фондот за иновации Јасмина Поповска, потпишаа договори со 17 претпријатија, кои беа избрани на вториот повик на Фондот.Станува збор за 10 иновативни проекти на „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија со грантови до 30 илјади евра, а седум фирми ќе ги комерцијализираат своите иновации со грантови до 100 илјади евра. Груевски ги охрабри сите кои имаат свои планови во иднина во делот на иновациите и претпримеништвото да ги следат наредните огласи преку Фондот за иновации и технолошки развој. Инаку на вториот повик на Фондот беа доставени 95 апликации за иновативни проекти, а на првиот повик беа потпишани договори со 16 компании.

Отворена Археолошката изложба 2015

Најзначајните артефакти кои се пронајдени при истражувањата на локалитетите се изложени во Археолошкиот музеј на Македонија. На деветтата по ред археолошка изложба од околу 20.000 наоди откриени годинава, изложени се околу 700 најзначајни. Презентирани се монети, оружја, алатки, керамика, накит… кои сведочат за илјадници години стара цивилизација на територијата на Република Македонија.Археолошките истражувања, кои се дел од капиталните проекти на Владата на РМ, годинава се одвиваа во 22 општини и на 60 локалитети низ Македонија. Во истражувањата беа вклучени екипи од девет надлежни институции координирани од Управата за заштита на културното наследство. Секоја од 80-те македонски општини поседува стотици моќни археолошки локалитети, а меѓу нив најмалку еден е фаворит со врвни културни цивилизациски вредности.Во Македонија посветено и интензивно се работи на заштита на културното наследство, движно и недвижно, а во археолошките активности многу археолози првпат добиле можност да истражуваат.

Груевски: Ќе се отвора Универзитет за национална безбедност

Во состав на универзитетот, како што рече, ќе влезе Воената академија, но и некои други факултети и институти. Со отворањето на новиот универзитет, нагласи, ќе придонесе за зголемување на безбедноста во земјава.

Акција „Се грижиме“: УМС на ВМРО-ДПМНЕ им подари пакетчиња на децата од Домот „11 Октомври“

Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ги израдува дечињата од Домот за деца без родители „11 Октомври”. Тие денеска ги посетија штитениците, им подарија пригодни новогодишни подароци и им ги честитаа новогодишните и божиќните празници. Од УМС, за време на божиќните празници ќе посетат над 500 лица, се со цел да им покажат дека не се заборавени.

НОВОГОДИШНИ БОИ: Избрани најубаво украсените куќа, тераса, кафуле и училиште во Скопје

За најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа е избрана куќата на Матеа Трпеска, во населбата Водно. Најубаво украсена тераса е на Филип Нечевски во населбата Аеродром. Најубаво украсен двор на Средно училиште има СУГС „Браќа Миладиновци“, а од пријавените угостителски објекти за најубаво украсен е прогласен „GET CAFE “ во Кисела Вода. Градоначалникот Трајановски, денеска свечено им ги врачи признанијата на годинешните добитници на наградите во четирите категории од манифестација „Новогодишни бои на Скопје“. На наградените, Градот Скопје ќе им додели по 10.000 денари, а ЕВН Македонија наградените во сите категории еднократно ќе ги ослободи од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија, за месец декември 2015 година. За да се обезбеди максимална транспарентност, изборот за најубаво новогодишно украсени објекти во градот го направи жири-комисија составена од претставници на медиумите.

Уште една македонска компанија влегува во слободните економски зони, ќе вработи 200 лица

Уште една македонска компанија влегува во слободните економски зони. По компанијата „Хајтек“, која својата одлука за инвестирање ја објави минатата недела, денеска по средбата со премиерот Никола Груевски и македонската „Технопласт“ објави своја инвестиција во ТИРЗ Скопје. „Технопласт“, која се занимава со алати и пластични компоненти за автомобилската и електричната и електро- индустријата, ќе инвестира 10 милиони евра и ќе вработи 200 лица. Како што информира директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, објектот ќе се протега на површина од 3.000 метри квадратни, а компанијата има закупено површина од околу 12 илјади метри квадратни. Инвестицијата ќе се одвива во две фази- првата ќе биде во вредност од 6 милиони евра и ќе се вработат 100 лица. Втората фаза од инвестицијата ќе изнесува 4 милиони евра и ќе бидат вработени уште 100 македонски граѓани.

Битола ќе добие топлификација

Уште едно верување на Владата на Република Македонија е остварено. Со потпишување на меѓувладиниот договор со Германија и финансискиот договор со германската развојна банка KFW, се обезбедени 39 милиони евра, за изградба на системот за топлификација за Битола, Новаци и Могила.Останатите 7,5 милиони евра ќе ги обезбеди ЕЛЕМ од сопствени средства.Средствата се добиени со фиксна стапка која денеска се фиксира на само 1,5% и е најниска каматна стапка која што било кога e одобрена за инфраструктурен проект во Македонија. Рокот на отплата е 15 години со 4 години грејс период.ЕЛЕМ ќе го спроведе овој проект во период од 4 години. Банката ќе ја исплати сумата директно на компанијата изведувач, која што ќе биде избрана преку меѓународен тендер. Парите нема да се исплаќаат однапред, а проектот ќе биде под надзор на меѓународен технички консултант.Сеуенен и Сендер упатија благодарност до Владата, министерството за финансии и до ЕЛЕМ за одличната соработка и посака успешна имплементација на овој проект.Доколку работите на терен се одвиваат според предвидената динамика се очекува граѓаните на Битола да добијат топлинска енергија за грејната сезона 2018-2019 година.

Нов дистрибутивен систем – Имотен лист од дома

Новиот Дистрибутивен систем на Агенцијата за катастар од денеска е достапен за граѓаните. Имотен лист и сите други податоци од катастарот ќе можат да се нарачаат преку интернет на веб страницата http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP.
Дистрибутивниот систем ќе биде достапен он лајн 24 часа за сите правни и физички лица во земјата и странство. Во зависност од желбата и потребата на корисникот бараните податоци може да се добијат во дигитална или во хартиена форма. Дигиталните податоци се за 20 проценти поевтини од хартиените податоци.

Груевски им додели плакети на амбасадорите на спортот- Лазаров, Дончевски, Миленковски и Ибраими

Најуспешниот македонски ракометар Кирил Лазаров, поранешниот фудбалски селектор Андон Дончевски, еден од најдобрите македонски одбојкари Јошко Миленковски и фудбалерот Агим Ибраими се именувани за амбасадори на спортот на Република Македонија. Плакетите за именување на оваа почесна функција на четворицата спортисти и тренери со интернационална кариера денеска во Владата им ги врачи премиерот Никола Груевски. Дончевски, Лазаров, Миленковски и Ибраими едногласни дека титулата е големо задоволство и чест. Одлуката за доделување на оваа титула на четворицата спортисти и тренери е донесена на последната Владина седница. Согласно Законот за спорт, титулата амбасадор на споротот им се врачува на истакнатите македонски спортисти и тренери за промоција и афирмација на Македонија во земјите каде што ја остваруваат својата спортска кариера или, пак, останатата спортска активност. Доделувањето на титулата е на предлог на Агенцијата за млади и спорт утврден од Советот за спорт како стручно-советодавно тело. Таа е почесна и без паричен надомест, а амбасадорите на спортот имаат обврска да подготвуваат и извештаи за извршените активности за промоција и афирмација на спортот на Република Македонија до органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.