Петкоска: Изборот на директорката на Централниот регистар во Охрид е незаконски

Власта продолжува да ги злоупотребува државните институции, да фалсификува дипломи и лични податоци со цел задоволување на личните интереси на поединци.

Изборот на претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска за раководител на Централниот регистар во Охрид е незаконски од повеќе причини:

Прво, согласно Јавниот Оглас објавен за избор на одговорно лице за работење – раководител, кандидатот треба да има завршено високо образование Правни или Економски науки со најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката од кои внимавајте добро најмалку ЕДНА ГОДИНА  НА РАБОТНО МЕСТО ВО ЈАВЕН СЕКТОР.

Второ, согласно евиденцијата од Агенцијата за вработување претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, нема доволно работно искуство во струката на работно место во јавен сектор.

Трето, убедени сме дека за да го заобиколи системот, претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска својата партиска позиција ја има искористено за вршење притисок во Агенцијата за вработување, односно работното искуство кое го има стекнатo како ПОМЛАД РЕФЕРЕНТ ЗА ПЛАН И АНАЛИЗА, да го запише како ЕКОНОМИСТ ЗА АНАЛИЗА И ПЛАНИРАЊЕ.

Понатаму, претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска, согласно нејзиниот договор за вработување во ЈП „Охридски комуналец“ од 09.05.2012 година  до 10.11.2017 година е на работното место РЕФЕРЕНТ  ПО ПЛАН И АНАЛИЗИ, а по завршување на нејзиниот мандат како директор на ЈП „Градски пазар“ од 12.11.2021 година повторно се враќа на позицијата ПОМЛАД РЕФЕРЕНТ ПО ПЛАН И АНАЛИЗИ.

И во двата случаи работното искуство кое го стекнува претседателката на Социјалдемократскиот сојуз е со СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ. Во случајот со јавниот оглас за избор на раководител на Централен регистар Охрид, потребно е минимум една година работно искуство на било која позиција од другата група за која е потребна диплома од завршено високо образование, односно факултетска диплома.

Што се однесува на работното искуство како директор на ЈП „Градски пазар“ тоа не се смета за искуство во јавниот сектор, согласно член 2, став 3 од Законот за вработени во јавниот сектор.

Од тука изборот на претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска за раководител на Централен регистар Охрид е НЕЗАКОНСКИ.

За овие незаконски дејствија постои документацијата од која јасно може да се утврди претходно наведеното и за истата со претставка ќе го известиме трудовиот инспекторат и Агенцијата за спречување на корупција од кои очекуваме во најскоро време да постапат по истата. 

Ги повикуваме сите надлежни институции да преземат мерки, а претседателката на Социјалдемократскиот сојуз Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска, да покаже доблест и уште денес да се повлече од раководната позиција во Централен регистар и од политичкиот живот.

На Македонија, Охрид и охриѓани не им требаат непочитувачи на пропишаните законски решенија.

Оваа власт мора час поскоро да замине од политичката сцена, за конечно во Македонија да почнат да се почитуваат законите, кои ќе важат подеднакво за сите!

Одговорност мора да има!