Интервју со Стојкоски: Ќе промовираме нов проект „Ѓорче Петров без кал“ реконструирајќи ги сите улици, граѓаните ќе добијат и нови градинки и зелени површини

Кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски во интервју за КУРИР вели дека во општината се зголемува популацијата на млади брачни парови, а експанзијата на градежната офанзива сама по себе повлекува и нови жители.

-Во моментов имаме преку 350 дечиња кои што се на листите на чекање, бидејќи постоечките капацитети не ги задоволуваат реалните потреби на населението од таа возрасна група. Во мојата програма јас предвидувам уште најмалку две нови градинки и тоа една во руралниот и една во урбаниот дел на Ѓорче Петров, а исто така ќе ги искористиме и сите можности за доградба на веќе постоечките капацитети. Дополнително имам идеја листите за запишување на децата во градинка станат јавни и целиот процес да биде повеќе транспарентен, бидејќи не само што многу дечиња чекаат за упис во градинка, туку информациите од терен говорат и дека има бројни неправилности при самиот упис, вели Стојкоски.

Тој во врска со животната средина во општината вели дека ја имаат истата опфатена со многу голема сериозност и дека ќе направат ревитализација на веќе постоечките паркови и зелени површини.

-На Ѓорче Петров му се потребни паркови во секое маало, секое маало треба да добие посебно катче и да добие посебна површина, не само како паркови и зеленило и дрва, туку тој простор да биде оплеменет и ќе може да служи за собиралиште и простор за рекреација на граѓаните од сите возрасни категории. Ѓорче Петров живее маалски и тој дух ние не треба да го напуштиме, вели Стојкоски.

Тој додава и дека во општината ќе се промовира нов проект „Ѓорче Петров без кал“ во кој што планираат да ги опфатат сите неасфалтирани улици во руралниот дел и реконструкција на сите улици во урбаниот дел.

-За мене тоа не би требало да биде дневна тема, што ќе се случува со улиците. Една од основните дејности на општината е решавање на комуналните проблеми, било во делот на хигиената или пак во делот на инфраструктурата, подземна или надземна, вели Стојкоски.