Ставрески: Сега е најдобро време да се стекне сопствен дом

Сега е најдобро време да се стекне сопствен дом, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на отворањето на вториот во Скопје Сити Мол, а вкупно четврт саем на проектот „Купи куќа, купи стан“. Овие саеми, според Ставрески, се одлична можност секој добро да се информира, да ја донесе одлуката која е една од најзначајните во животот и да дојде до сопствен дом. На саемот се присутни и претставниците од Министерството за финансии кои се должни да ги информираат граѓаните како да ја искористат поддршката која се движи и до 14 илјади евра во зависност од големината на кредитот. Нагласи дека по минатогодишниот саем во Скопје Сити Мол трикратно се зголеми интересот на граѓаните за проектот „Купи куќа, купи стан“ и додаде дека очекува и годинава саемот да биде успешен. Од компанијата „Хот и Хот“ велат дека минатогодишниот саем во имал извонредна посетеност и бил успешен. Хот посочи дека по минатогодишниот саем имало значително зголемување на интересот за проектот. Очекува слично да биде и годинава.