Груевски им додели плакети на амбасадорите на спортот- Лазаров, Дончевски, Миленковски и Ибраими

Најуспешниот македонски ракометар Кирил Лазаров, поранешниот фудбалски селектор Андон Дончевски, еден од најдобрите македонски одбојкари Јошко Миленковски и фудбалерот Агим Ибраими се именувани за амбасадори на спортот на Република Македонија. Плакетите за именување на оваа почесна функција на четворицата спортисти и тренери со интернационална кариера денеска во Владата им ги врачи премиерот Никола Груевски. Дончевски, Лазаров, Миленковски и Ибраими едногласни дека титулата е големо задоволство и чест. Одлуката за доделување на оваа титула на четворицата спортисти и тренери е донесена на последната Владина седница. Согласно Законот за спорт, титулата амбасадор на споротот им се врачува на истакнатите македонски спортисти и тренери за промоција и афирмација на Македонија во земјите каде што ја остваруваат својата спортска кариера или, пак, останатата спортска активност. Доделувањето на титулата е на предлог на Агенцијата за млади и спорт утврден од Советот за спорт како стручно-советодавно тело. Таа е почесна и без паричен надомест, а амбасадорите на спортот имаат обврска да подготвуваат и извештаи за извршените активности за промоција и афирмација на спортот на Република Македонија до органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.