Монтанте груп ќе почне да гради фабрика во Бунарџик

Во јануари идната година ќе почне изградбата на фабриката на италијанската Мотанте груп во ТИРЗ Скопје 1 – Бунарџик, првична инвестиција во вредност од 10 милиони евра, која за почеток ќе вработи 100 лица. Се очекува објектите да бидат готови до крајот на мај или почетокот на јуни наредната година, по што ќе почне монтажата на опремата и обуката на лицата што ќе бидат вработени. Премиерот Никола Груевски уште на 27 јули минатата година ја најави оваа инвестиција. По денешната средба со премиерот, договорот за реализација на инвестицијата го потпишаа Клаудија Нидро од Монтанте груп и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо. Фабриката ќе се гради во неколку фази на локацијата со површина од 49 илјади метри квадратни, а во првата фаза е предвидено да бидат вработени 100 луѓе кои ќе бидат оспособени за производство со висока технологија. Монтанте груп е една од првите три компании во Европа за производство на високо софистицирани амортизери за возови, шински возила, камиони и автобуси, а нивната компанија во Македонија ќе функционира под името „Јуроп шок апсорберс“ . Мултинационалната италијанска компанија има 2.300 вработени и годишен обрт од 800 милиони евра.