Достапни нови врвни дела, Груевски и Канческа- Милевска промовираа 20 наслови

20 нови наслови од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ се преведени и им се достапни на македонските читатели. 12 од нив се дела со филозофска тематика, 6 наслови од областа на историјата и 2 книги од областа на психологијата. Со новите 20, до сега се преведени вкупно 50 наслови, а следниот месец ќе бидат промовирани уште 30 дела од владиниот капитален проект. Премиерот Груевски кој денеска присуствуваше на промоцијата, истакна дека изминативе години културата беше и остана еден од главните фокуси на Владата. Целта на овој проект, според премиерот, е да се надомести сериозниот дефицит на литература, пред се, од западната научна мисла во делот на историјата, филозофијата и психологијата. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска нагласи дека едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“, овозможува, во македонската наука и во високото образование да се вградат делата кои се незаобиколни референци во пошироката интелектуална култура на нашата епоха. Овие преведени книги на македонски јазик не се наменети само за студенти, туку се за сите оние што сакаат да читаат.