6 милиони евра за обнова на инфраструктурата во поплавените подрачја, дополнителни средства за обиколницата

Три илјади и три домаќинства го имаат добиено авансот до 500 евра, а до крајот на месецот се очекува да го добијат и сите домаќинства што беа опфатени со поплавите. На седница на Влада е одлучено отштета да се исплати и на оштетените домаќинства во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, а за Шуто Оризари дополнително ќе биде исплатена.
Ова го соопшти денеска Никола Тодоров, претседател на Координативното тело, кој го посети Стајковци, заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, градоначалниците на Град Скопје и на Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски.
Инаку, во Стајковци веќе е нормализирана инфраструктурата, по поплавите на 6. август.
Вредноста на инвестицијата за обнова на инфраструктурата е шест милиони евра. Ќе се работи на терен, се додека дозволуваат временските услови.
Истовремено се работи и на водоводите и на фекалната канализација каде што е потребно, а ќе биде направена и атмосферска канализација.
Дополнително инвестирани се и 1,2 милиони евра за механизацијата која била ангажирана на терен за изнесување на шутот.