Дваесет и седум коњаници од Горно Лисиче вечерва тргнаа на традиционалниот илинденски марш кон Крушево каде што ќе стигнат на Денот на Републиката 2 Август – Илинден. Придружени од фаланга составена од дваесетина членови – играорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, коњаниците тргнаа денеска попладне од паркот „Јане Сандански“ во Аеродром и, минувајќи низ главните булевари на општината, стигнаа во Горно Лисиче каде во црквата „Свети Петар и Павле“ добија благослов за претстојниот шестдневен пат. Организатор на манифестацијата е Здружението „Илинденски марш 1978“ од Горно Лисиче, а покровител на нејзиното годинашно, 38-мо издание, е премиерот Емил Димитриев. Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски во обраќањето на собирот рече дека маршот кон Крушево симболично значи марш кон слободата.Перо Цаца, еден од 27-те коњаници кои заминаа кон Крушево, изјави дека настанот не е празник само за Горно Лисиче и за Општина Аеродром, туку и за Република Македонија.Признанија за учество во маршот добија и здруженија од други општини од Македонија. Собирот во Горно Лисиче за испраќање на коњаниците кон Крушево продолжи со огномет, со народни песни и ора и настап на пејачи од естрадата.