Три милиони евра годинава инвестирани во Пробиштип за инфраструктурни проекти

Три милион евра во инфраструктурни проекти инвестираа годинава Владата и локалната самоуправа во општина Пробиштип. Дел од проектите се завршени, дел се во градба, а дел ќе бидат реализирани до крајот на годината.Увид во некои од проектите денеска изврши лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во рамки на посетата на општина Пробиштип, придружуван од градоначалникот Тони Тоневски и претставници од повеќе владини сектори.Груевски се запозна со работите на санацијата на свлечиштето на регионалниот пат Пробиштип – Крупиште. Станува збор за инвестиција вредна 250 илјади евра со која, целосно ќе се реши проблемот на овој дел од патот. Работите се почнати пред два месеца, а треба да бидат завршени до ноември годинава.Со нив, како што информира заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски, ќе бидат реализирани уште неколку значајни проекти меѓу кои, целосно уредување на сливот на реката Црна.Груевски ја посети и населбата Камењар каде по извршената легализација на дивоозградените објекти, во тек е изградба на улици во должина од 4.000 метри, ивнестиција од 27 милиони денари средства на општината, а предвидена е изградба на едно детско игралиште и на едно игралиште за кошарка.Груевски беше запознаен со лични или општи барања на локални жители. Инаку во Општина Пробиштип Владата директно инвестираше во едно двојно тениско игралиште, едно повеќенаменско игралиште, како и во други проекти за подобрување на животот на жителите во градот.