Теренската проверка на Избирачкиот список почнува кон крајот на неделава

Државната изборна комисија кон крајот на неделава ќе ја почне теренската проверка на 100.436 записи кои произлегоа од вкрстената проверка на податоците во рамки на прочистувањето на Избирачкиот список.
Теренската проверка ќе ја вршат 374 овластени анкетари, а нивни контролори ќе бидат раководителите на подрачните единици на ДИК.
Се со цел да се олесни теренската проверка на податоци ДИК ќе реализира медиумска кампања „Отворени врати“ со која ќе ги повика граѓаните да учествуваат во проверката.
Анкетарите ќе вршат непосредно анкетирање на граѓаните на терен во периодот од 08.00 до 19.00 часот и тие ќе треба да им се претстават на граѓаните кои ќе ги анкетираат покажувајќи им лична карта и беџ од ДИК.
Доколку некое лице избегне да биде анкетирано, ДИК нема предвидено казни за граѓаните.
Од ДИК очекуваат дека теренската проверка ќе биде завршена за околу 2 недели.