Премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев, денеска оствари средба со Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави.
На средбата, како што соопштуваат од Владата, биле поздравени билатералните односи помеѓу двете земји кои се базирани на стратешко партнерство и соработка во сите сфери од взаемен интерес.
На средбата станало збор за реформите кои ги спроведува Владата, политичката состојба во земјата, предизвиците во врска со мигрантската криза и интеграцијата на Република Македонија во НАТО и Европската Унија.
Двете страни ја истакнале заложбата за организирање на фер, кредибилни и демократски избори.
Соговорниците дадоа силна поддршка на активностите кои ги презема ДИК во врска со прочистувањето на избирачкиот список за изборите на 5 јуни, при што Димитриев истакнал дека постои соодветно време за спроведување на прочистувањето на избирачкиот список и посочи дека Владата ги реализира сите потреби на ДИК и е подготвена за комплетна поддршка на оваа активност врз основа на барањата на ДИК.
Од Владата информираат дека станало збор за предизвиците во врска со мигрантската криза и начините за менаџирање на истите, при што беше констатирано дека е потребен заеднички и координиран одговор на оваа тема на целата меѓународна заедница.
Двете страни ја потврдија стратешката определба на Република Македонија за интеграција во НАТО и во Европската Унија.