Со низа активности ќе се одбележи Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајот

Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајот, 15 ноември со низа активности ќе се одбележи и во Македонија. Засадување на дрвца, промоција на парк посветен на жртвите кои оваа година го загубија животот во сообраќајни несреќи, пешачко дефиле во повеќе градови, едукативно предавање во казнено- поправните домови за лицата кои што направиле кривични дела поврзани со безбедноста во сообраќајот, јавни трибини и едукативни предавања , посета на гробот на Тоше Проевски кој животот го загуби во сообраќајна несреќа, крводарителска акција, ликовна изложба со детски цртежи на тема сообраќај се дел од активностите кои ќе се реализираат неделава што следува. Организаторите на оваа кампања, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата заедно со своите партнери оваа година праќаат силна порака до сите учесници во сообраќајот „Денови на сеќавање, време е да запрат кривичните дела на улиците“. Според податоците од РСБСП во Р. Македонија во првите 9 месеци во 2015 година се случиле 100 сообраќајни несреќи со смртни последици во кои животот го загубиле 113 лица, а 4684 се повредени.