Сообраќајните незгоди и опасноста која ги демне учесниците во сообраќајот секојдневно, ја наметнуваат потребата од засилени и сестрани активности на сите надлежни институции со цел намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди. Согласно тоа, а со цел унапредување на процесот на управување и контрола на сообраќајот на патиштата , МВР и РСБСП во изминатиот период реализираа соработка од која плод е донација на техничка опрема – професионални батериски ламби за потребите на сообраќајната полиција. Техничката опрема наменета за потребите на сообраќајната полиција беше промовирана од страна на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов и Претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски. Донацијата се состои од 35 батериски ламби со вредност од 300 илјади денари кои ќе бидат наменети за потребите на униформираната сообраќајна полиција. Двете страни заеднички констатираа дека безбедноста во сообраќајот и понатаму останува стратешки приоритет на сите инситуции во Македонија и упатија апел до граѓаните за безбедно и одговорно учество во сообраќајот и за почитување на сообраќајните правила и прописи.