Реконструкција на стариот објект на НУБ, набавена целата опрема за дигитализација

Ќе се реконструира стариот објект на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – ќе бидат променети покривот, електричните инсталации, водоводната мрежа и санитарните јазли. Библиотеката ќе добие и нов ентериер, најави денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска при работната посета на НУБ. Канческа-Милевска го посети Центарот за дигитализација во кои се дигитализираат и се заштитуваат од забот на времето ретки и стари книги и по неколку века. Директорот на НУБ Иван Заров рече дека со набавената опрема, Библиотеката веќе ги задоволува потребите на библиотечното работење и улогата како сервис за останатите културни институции во Македонија. Тој посочи дека досега се дигитализирани 195 ретки книги или над 900.000 страници. Од минатата година НУБ започна и со продажба на книги и како што кажа директорот покрај тоа што се задоволени барањата на читателската публика библиотеката има и финансиски бенефит. Како следен проект во НУБ се планира и Арт-кафе – место каде што читателите и интелектуалците ќе може да ги разгледуваат и купуваат книгите.