Проектот за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик доста успешен

Микро, мали и средните компании се најмногу заинтересирани за владиниот проект „Субвенционирано вработување на лица во социјален ризик“. Досега преку овој проект за две години се вработиле 145 лица кои се уште се во работен однос. Директорот на Агенцијата за вработување на Р. Македонија Влатко Поповски кој денеска ја посети компанијата Крусел, која е дел од овој проект, истакна дека очекува на огласот кој е објавен пред една недела за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик, повеќе компании да покажат социјална одговорност и да се пријават. Славе Илиевски сопственик на компанијата „Крусел“ истакна дека во нивната компанија вработиле лице во социјален ризик, самохрана мајка од која како работник се многу задоволни. Тој изрази задоволство за помошта која ја добиваат од владата за вработувања. Преку овој проект годинава се очекува да се вработат нови 100 лица во социјален ризик. Повикот на Агенцијата за вработување е во тек, се очекува во наредните денови и компаниите и невработените лица во социјален ризик да аплицираат.