Средношколците кои се двоумат каде да го продолжат своето образование и за која професија да се определат, имаат можност преку кариерните центри во училиштата да направат тестирање и да се упатат кон вистинската насока. До сега се отворени 53 кариерни центри кои функционираат во средните училишта во Македонија. Проектот за отворање кариерни центри за советување за професионална ориентација ќе продолжи и следната година. Според заменик министерот за образование и наука, кој денеска заедно со градоначалникот на Град Скопје и директорот на Агенцијата за вработување, го посети кариерниот центар во средното училиште „Васил Антевски- Дрен“, ова е еден од најзначајните проекти кој се спроведува со поддршка на УСАИД во изминатите 5 години. Заменик министерот е задоволен од тоа како се спроведува целиот овој проект. Потврда дека треба да продолжи проектот, според Ристовски, е тоа што секоја година се зголемува бројот на кариерни центри кои продолжуваат да функционираат и се зголемува бројот на учениците што се вклучуваат бидејќи тоа е воншколска активност. Тестирање и утврдување на талентот на младите со насоки за образовни институции и кратки курсеви за нови вештини нуди и Агенцијата за вработување, каде од 2012 година 4.750 млади до 29 години поминале едукации со професионални кариерни советници. Одлуката на средношколците каде ќе го продолжат своето образование, според Трајановски, е една од најзначајните кои треба да ги донесат во текот на своето образование. Се планира со кариерни центри да бидат покриени сите средни училишта.