Претседателите на Ерменија и Азербејџан, Серж Саргсјан и Илхам Алиев разговараа синоќа во Виена околу конфликтот во регионот Нагорно-Карабах. На состанокот присуствувале и шефовите на дипломатиите на Русија, Сергеј Лавров, на САД Џон Кери, како и државниот секретар за европски прашања на Франција, Харлем Дезир. Ерменскиот и азербејџанскиот претседател изразија поддршка за примирје и мирно решавање на конфликтот. За да се намали ризикот за натамошно насилство тие договорија итен прекин на огнот. Претседателите договориле и проширување на постоечката канцеларија на претставникот на претседавачот на ОБСЕ, а исто така и размена на податоци за исчезнатите лица под покровителство на Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Двајцата претседатели прифатија и продолжување на преговорите следниот месец, на место кое ќе биде дополнително договорено, со цел да се продолжат разговорите за компромисно решение.