Потпишан договор за реализација на третата фаза од „Борис Трајковски“

За десетина дена се очекува да започнат градежните работи за реконструкција и проширување на улицата „Борис Трајковски“, трета фаза. Договорот денеска го потпишаа градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Според проценките се очекува булеварот да биде завршен за 18 месеци. Проширувањето и реконструкцијата на третата фаза од улица Борис Трајковски ќе се врши на потег од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри. Средствата за реализација на овој капитален проект се обезбедени преку долгорочно домашно задолжување на Град Скопје, кој потпиша Договор за под-заем со Министерството за финансии. Ставрески посочи дека соработката со градот Скопје е одлична и досега се реализирани заеднички проекти од околу 9 милиони евра, каде што влегува и капиталниот проект за подобрување на водоснабдувањето на Шуто Оризари, како и набавка на возила и машини за потребите на комуналните претпријатија.