Основното училиште „Кирил и Методиј“ во центарот на Скопје до мај 2017 година треба да добие училишна спортска сала. Изградбата е почната, вложени се 32 милиони денари од буџетот на Министерството за образование и наука. Локацијата денеска ја посетија заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој изјави дека изградбата на салата е ветување од нивната програма. Груевски посочи дека преку Министерството за образование и наука и Агенцијата за млади и спорт се изградени 94 спортски сали. Две сали се речиси готови, а уште три до четири се очекуваат до крајот на годинава, со што ќе бидат вкупно сто изградени спортски сали. Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски очекува максимална искористенот на овие објекти како резултат на вложувањето во спортската инфраструктура, но и со новите мерки во областа на спортот кои беа најавени минатата недела. Инаку, ОУ „Кирил и Методиј“ е едно од двете основни училишта во Македонија (заедно со ОУ „Браќа Миладиновци“ во Аеродром) каде што четврта учебна година се спроведува меѓународната ИБ-програма.