Отворен новиот тренинг камп на Вардар- проект вреден над 4 милиони евра

Професионалниот тренинг центар на Фудбалскиот клуб Вардар денеска и официјално е отворен. Проектот, вреден над четири милиони евра, е реализиран по пат на јавно приватно партнерство на инвеститорот и сопственик на ФК Вардар, Град Скопје и општина Гази Баба. Премиерот Груевски на отворањето истакна дека станува збор за уште една капитална инвестиција во спортот, со која Македонија добива по прв пат ваков тренинг центар, кој е карактеристичен за големите фудбалски тимови во Европа. Влада го помогна овој проект со обезбедување на земјиштето, кое беше предуслов за почеток на оваа инвестиција. Сопственикот на ФК Вардар искажа особено задоволство за добрата соработка со администрацијата во реализацијата на овој, но и на другите проекти, чија ефикасност вели може да биде пример за повеќе европски земји. Градскиот татко изрази надеж дека Тренинг центарот ќе биде почеток за комплетно оформување на спосткиот центар Хиподром. Најави и нов проект. Согласно договорот, сопственик на спортскиот комплекс е општината Гази Баба, а партнерот- групацијата Вардар ќе има право да го користи наредните 35 години. Планирано е овој проект да се гради во две фази. Првата фаза која е веќе завршена опфаќа изградба на две фудбалски игралишта комплентно со дренажен систем и апартманско сместување со сите потребни содржини за престој и тренинг на спортистите, односно инвестиција од 3,4 милиони евра. Во втората фаза се планира и изградба на мултифункционален објект со вредност од 600.000 евра. Општина Гази Баба со одлука го ослободила инвеститорот од надоместокот за уредување на градежното земјиште, а Градот Скопје помогнал со ослободување од комуналии во вредност од 60 проценти.