Населбите Хиподром и Инџиково се повразаа со пешачки натпатник. Овој децениски проблем, по барање на граѓаните од општина Гази Баба, сега веќе стана реалност. Според министерот за транспорт и врски, овој мост е уште еден пример за одличната соработка помеѓу централната и локалната власт. Мисајловски потсети и дека оваа година започна да се гради клучката кај Смилковци, која е уште едно од барањата на граѓаните. Инвестицијата е вредна 40 милиони денари, а се очекува да биде готова во првиот квартал од 2016 година. Новиот челичен натпатник е со бетонски столбови, челични скали и челични рампи, со кој се овозможи безбеден премин на пешаци, пешаци со велосипеди, како и лица со посебни потреби.  Изградбата на натпатникот е од исклучително значење за жителите на Хиподром и на Инџиково, бидејќи оваа локација со години претставува црна сообраќајна точка на автопатот кон Петровец, со многу сообраќајни несреќи па дури и човечки жртви. Покрај зголемената безбедност на пешаците која ќе ја обезбеди овој натпатник преку автопатот Скопје- Петровец, тој ќе биде и порта на влезот во Град Скопје.