Орешковиќ доби мандат да формира нова влада на Хрватска

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ синоќа му го врачи мандатот за формирање нова влада на Хрватска на познатиот бизнисмен Тихомир Орешковиќ, кого за оваа функција го предложија Татковинската коалиција и партијата Мост. Пред преземањето на мандатот, Орешковиќ на Грабар-Китаровиќ и доставил листа со потписи од 78 пратеници во Хрватскиот сабор, кои ја поддржале неговата кандидатура. Грабар-Китаровиќ соопшти дека врз основа на добиената листа на потписи за поддршка му го врачува мандатот за состав на новата влада. По прифаќањето на мандатот, Орешковиќ изјави дека ќе ги вложи сето свое знаење и напори за да се формира „квалитетна влада“, која ќе почне да ги решава наталожените проблеми. Тој сега има рок од 46 дена да ја формира неговата влада.