„Младост без лудост“ е новата кампања на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата која ќе трае 6 месеци. Станува збор за една од најкреативните, најмасовните и најинтересните кампањи на РСБСП која се очекува да биде добро прифатена од најмладите кои се ризична група учесници во сообраќајот. Кампањата „Младост без лудост“ ќе биде поддржана од припадниците на МВР, професорите од средните училишта, но и многу познати личности меѓу кои манекенката Катарина Ивановска, актерот Гораст Цветковски, фудбалерот Дарко Глишиќ , водителката Елена Стојановска, Мартин и Стефан од Некс Тајм . Како дел од кампањата ќе биде организирана и акција „Безбедни млади возачи“ со која средношколците кои ќе покажат најмногу знаење во сообраќајните правила ќе добијат награда. Статистичките податоци покажуваат дека минатата година во Македонија 165 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди од кои 25 лица се на возраст до 24 години.