Меѓународна конференција „Спортот и неговото значење во образовниот процес“

Спортот и неговото значење во образовниот процес, педагошките аспекти на физичкото образование, морфофункционалните промени во модерното време, модерните болести од аспект на спортот, селекцијата во спортот, превенција на повреди… се дел од темите на кои стручни лица и експерти од оваа област разменуваат мислења на Втората меѓународна научна конференција „Истражување на физичкото образование, спортот и здравјето“, што денеска се одржува во Скопје. Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека во Република Македонија изминатите години се посветува исклучително големо внимание на подобрување на условите за професионалниот спорт, но и за спортот во образовниот процес. Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасевски дополни дека дел од реформите кои се спроведуваат и проектите што се реализираат е и континуираното усовршување на наставниците по физичко образование во основните и средните училишта, но и изградбата на нова спортска инфраструктура во основното, средното и високото образование. Декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје Вуица Живковиќ истакна дека очекува на конференцијата да се отворат многу прашања и да се донесат заклучоци кои потоа ќе се имплементираат во системот.