Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се сретна со британскиот министер за Европа

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска оствари средба со британскиот државен министер за Европа, Дејвид Лидингтон, кој престојува во посета на Македонија. На средбата, како што соопшти партијата, соговорниците разговарале за повеќе актуелни теми поврзани со соработката и стратешките интереси, со претстојните избори и нивното спроведување, како и со глобалните предизвици во однос на мигрантската криза. Груевски истакнал дека приоритет се организирање и спроведување на слободни и демократски избори на кои граѓаните во демократски амбиент ќе одлучат за иднината на државата. Тој посочил дека за остварување на ваквата цел потребен е ангажманот од сите чинители вклучени во процесот и нивни конструктивен пристап. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека изборите ќе значат излез од наметната политичка криза по што институциите ќе го добијат потребниот капацитет за продолжување на реформите кои значат системско унапредување, подигнување на стандардот и решавање на проблемите на граѓаните. Констатиран е и заедничкиот интерес за интегрирање на регионот во овие организации што ќе значи гарантирање на сигурноста, мирот и напредокот.