Кривични пријави против осум вработени на Економскиот факултет на УКИМ на возраст од 29 до 65 години поднесе Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство. Шест се универзитетски професори, еден демонстратор и сопственик на бифето на факултетот. Министерот Митко Чавков денеска истакна дека информации за овој случај добивале од оштетени граѓани-студенти, а осомничените биле следени од 2014 година. Од осумтемина пријавени, само петмина вчера биле приведени и задржани во Полициската станица. Министерот посочи дека докази има, а студентите плаќале за оценка од 500 до 1.000 евра. Осомничените имале разработена шема, па во некои случаи сопственикот на бифето ги земал парите за поткуп од студентите и ги давал на асистентот кој, пак, ги предавал на професорите со цел во индексите тие да напишат преодна оценка (6). Чавков очекува дека после оваа акција ќе се охрабрат и јават студенти кои биле жртви на корупција за време на студирањето.