Исполнето уште едно ветување на Груевски: Започна изградбата на водоснабдителен систем во Количани

Започна изградбата на нов водоснабдителен систем во село Количани, Општина Студеничани. За околу 5 месеци ќе биде реализирана првата фаза од проектот за потоа да следи уште една фаза за која општината повторно ќе добие помош од Министерството за транспорт и врски. При посетата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на ова село пред неколку месеци, граѓаните како најгорлив проблем тогаш го истакнаа снабдувањето со вода. Тогаш Груевски им вети дека ќе се разгледа ова прашање, иако станува збор за обврска на самата општина. Денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски ги посети граѓаните од Количани и директно им соопшти дека ова ветување ќе се реализира и ќе започне изградбата на водоснабдителен систем со директна поддршка од централната власт. Мисајловски посочи дека реализацијата на овој проект можел да почне и порано, но поради доцнење на дозвола за градба од страна на општината, водоснабдителниот систем ќе започне да се изградува овие денови. Мисајловски потенцираше денеска ќе се направи примопредавање на трасата и овие денови интензивно ќе започнува градбата.