Рокот за поднесување на барања за легализација на бесправно изградените објекти е продолжен до 31 март 2016 година. Оваа новина е донесена со измените во Законот за легализација на бесправно изградените објекти. Законот е во процедура пред собранието, а веднаш по усвојувањето граѓаните кои што го пропуштиле рокот ќе можат во општините да ги поднесат своите барања. Агенцијата за катастар на недвижности досега издала 137.000 имотни листови за објекти кои добиле правен статус, од вкупно поднесените 360.000 барања од почетокот на процесот за легализација во март 2011 година. Директорот на Управата за имотно-правни работи Зоран Крстановски ги повика граѓаните да ја искористат можноста за приватизација на градежното неизградено државно земјиште. Рокот што траеше до 15 декември лани е продолжен до 15 јуни следната година.