Награди за најиновативни решенија за проекти за рамномерен регионален развој денеска добија Центрите за развој на североисточниот, Вардарскиот и југоисточниот плански регион. Првата награда од 110. 000 денари ја доби проектот „Ревитализација на дел од крајбрежјето на Дојранското езеро, Стар Дојран“ на Центарот за развој на југоисточниот плански регион, втората награда со финансиска поддршка од 90 илјади денари ја доби проектот „Модернизација на предучилишно образование во општините со програми за правилен психофизички развој“ на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион. И третата награда му припадна на Центарот за развој на североисточниот плански регион со проектот за подобрување на развојот на туризмот.
Овој избор е направен со цел да се поддржи рамномерниот регионален развој, а е поддржан од Владата на Р. Македонија, Министерството за локална самоуправа и донаторските проекти на Германското друштво за меѓународна соработка и Швајцарската агенција за соработка и развој.
Оваа година право за учество имале повеќе од 300 проекти кои биле реализирани преку Програмата за рамномерен регионален развој во период од 2009-2014, а секој од осумте регионални центри на планските региони аплицирале со по 2 проекти.
Вицепремиерот посочи дека Владата и понатаму ќе продолжи да спроведува проекти за унапредување на условите за живеење на граѓаните во сите региони во земјата, во сите сфери на општественото живеење.