Министерството за здравство спроведе набавка на нови 5 дополнителни мамографи за здравствените установи во Македонија. Вкупната вредност е 39 милиони денари, а мамографите ќе бидат распоредени во Здравствен дом Скопје, општа болница Кавадарци, општа болница Гевгелија, Здравствен дом Радовиш и Здравствена станица Македонска Каменица, која е во рамки на Здравствен дом Делчево. Новите мамографи ќе бидат испорачани до крајот на мај или почетокот на месец јуни и веднаш потоа ќе се инсталираат и стават во функција на пациентите во петте здравствени центри. Според министерот за здравство Никола Тодоров, со новите современи мамографи значително ќе се унапредат и зајакнат овие здравствени установи. Појасни дека станува збор за дигитални мамографи, кои во споредба со претходните аналогни мамографи, овозможуваат многу појасна слика, понапредна и попрецизна дијагностика, а имаат и можност за компјутерски потпомогната детекција, што претставува еден вид „второ мислење“ и дополнително ја потврдува точноста на наодот односно скоро на минимум ја сведува можноста докторот за згреши. Тодоров потенцира дека овие мерки и проекти на Министерството за здравство се во насока на унапредување на здравствената заштита и навремена дијагностика на заболувањата особено на најчестото малигно заболување кај жените кое се детектира со мамографите и токму затоа континуирано се инвестира во овој сегмент на здравствена заштита.