Македонската компанија Хајтек е прва домашна фирма која ќе инвестира во отворање фабрика во Технолошко индустриските развојни зони. По денешната средба со премиерот Никола Груевски, сопственикот на компанијата информираше дека инвестицијата ќе изнесува над 20 милиони евра, а ќе овозможи вработување на вкупно 300 лица од кои 100 во првата година. Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо потенцира дека денеска и официјално компанијата ја потврдува одлуката за инвестирање во новоформираната компанија „Хајтек асембли сентар“ во сопственост на постоечката компанијата „Хајтек“. Мизо особено го потенцираше значењето на Хајтек во однос на привлекување странски инвеститори преку нивната подготвеност и отвореност за соработка. Производствениот погон од 4 илјади метри квадратни ќе почне да се гради од почетокот на март, а ќе биде функционален на крајот на третиот квартал идната година. Се очекува погонот во наредниот период да се зголеми двојно. Парцелата за компанијата изнесува 19.000 метри квадратни. Производите на Хајтек наоѓаат широка примена во воената индустрија, авионската, автомобилската индустрија, во медицинска опрема, а нивни клиенти се големи глобални компании како Континентал, Бош, Сименс и Филипс.