Димитриев: Потребна е соработка, а не мешање во внатрешните работи на земјите од Западен Балкан

Неопходна е соработка, а не мешање во внатрешните работи и силно почитување на сувереноста и интегритетот на секоја држава. Само така регионот ќе оди напред и политички и економски, порача премиерот Емил Димитриев на денешниот Самит на земјите од Западен Балкан што се одржа во Сараево. На Самиот, покрај Димитриев учествуваа и премиерите на Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово и на Србија, како и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан и италијанскиот министер за надворешни работи Анѓелино Алфано. Димитриев истакна дека за реализација на заедничките проекти на земјите од Западен Балкан, кои носат бенефит за граѓаните, од круцијално значење е обезбедувањето добра политичка клима меѓу државите. Тој посочи дека Македонија и другите земји од регионот треба да се сметаат како партнери во справувањето со предизвиците со кои се соочува ЕУ. Во економска смисла, како што рече, неопходна е инфраструктурна агенда како средство за создавање нови работни места и пошироки деловни можности. Тој посочи дека до самитот во Трст Македонија очекува да дојде до унапредување на заедничкиот пазар на земјите од Западен Балкан.