Груевски на средба со заменик генералниот секретар на ЕПП

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денес се сретна со Заменик генералниот секретар на Европската Народна Партија (ЕПП), Кристијан Кремер, кој доаѓа од редовите на ЦДУ од Германија.На средбата, соопштуваат од партијата, било разговарано за имплементацијата на Договорот од Пржино во насока на надминување на политичката криза, како и евро-атланските интеграции на Република Македонија.Груевски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ ги исполнила своите обврски од Договорот и дека партијата ќе продолжи со целосна посветеност да се спроведат сите обврски кои што произлегуваат од овој договор, вклучувајќи го и одржувањето на веќе договорениот датум за изборите на 24 април 2016 година. Тој исто така додал дека Законот за избори, каде што експлицитно се наведува 24 април 2016 како датум на одржување на изборите, е закон кој што беше изгласан едногласно во Собранието вклучувајќи ги и пратениците на СДСМ.Кремер, нагласил дека сите политички партии треба да се придржуваат до Договорот од Пржино, како и да направат се што е во нивна моќ за претстојните парламентарни избори да се одржат во најдобар ред, согласно сите меѓународни препораки и стандарди.Воедно на средбата станало збор за мигрантската криза и за предизвиците со кои се соочува Република Македонија.