Груевски: „Македонско село“ е исполнето ветување, пријатно место за престој и нова туристичка понуда

„Македонско село“ е новата туристичка атракција, која се наоѓа во село Нерези. Станува збор за комплекс изграден во традиционален дух на македонската архитектура од 19-ти и 20-ти век. На површина од 12.000 м2 комплексот е составен од шеснаесет автентични куќи со сместувачки капацитет од 100 гости.Според Груевски ова ќе биде неодминливо место за туристите кои доаѓаат во Македонија. Селските куќи се изградени по ликот на куќите од различни географски подрачја на Македонија и тоа: куќа од Битола, Велес, Прилеп, Галичник, Рекански крај , Кратовска, Беровска, куќа од Делчево, Куманово, Тетово и од Скопска црна гора. Посетителите ќе можат да уживаат во богатите вкусови на македонска храна и амбиент во трите ресторани кои нудат различна гастрономска понуда. Етно амбиентот е надополнет со занаетчиски работилници каде гостите ќе можат да се запознаат со традиционалните занаети карактеристични за македонското поднебје, а за најмладите амбиентот ќе биде збогатен со домашни животни. Во комплексот е изграден Етнолошки музеј во кој ќе бидат изложени предмети од македонската култура, народни носии, како и археолошки содржини.