Грантови за сопствен бизнис за 500 лица преку програмата „Самовработување“

Сертификати за грантови во износ од неповратни 185 илјади денари за развивање сопствен бизнис денеска добија 500 невработени лица кои успешно ги поминаа обуките од програмата „Самовработување“. Грантовите ги доделува Министерството за труд и социјална политика, а партнер во реализација на обуките е Програмата на ОН за развој-УНДП. Програмата „Самовработување“ се применува од 2007 година и од тогаш преку неа се отворени околу 7.800 мали компании кои почнале со еден вработен, а некои од нив се развиле во стабилни субјекти со пет до 20 вработени. Тоа, според министерот Диме Спасов, е пример како со малку, но со многу труд и посветеност, може да се оствари замислата за сопствен бизнис. Нагласи дека микро и малите компании се значаен дел од македонската економија и двигател во отворањето нови работни места. По овој, прв циклус, во септември ќе има и втор во оваа година, кој се очекува да заврши на крајот на ноември и да се формираат уште над 400 мали компании, односно повеќе од 900 преку овој проект во 2016 година. Луиза Винтон, претставник на УНДП за Македонија, изјави дека се горди што веќе девет години се партнери на МТСП во реализацијата на програмата „Самовработување“. Директорот на Агенцијата за вработување рече дека 73 отсто од над седумте илјади бизниси формирани во изминатите девет години се уште функционираат, вработуваат луѓе и остваруваат приходи. В.д. директорот на Централниот регистар на РМ истакна дека успешно соработуваат во проектот „Самовработување“ и дека околу 7.800 бизниси за девет години е сосема задоволителна бројка.